Вработените во МАНУ во штрајк, бараат да се промени законот за да се зголемат ниските плати

Вработените во МАНУ се изненадени што претседателството на Академијата испрат допис во медиумите со поддршка, а нив воопшто не ги контактирале


Фото: Б. Грданоски

 

Веќе два дена штрајкуваат вработените во Секретаријатот и стручните единици на Македонската академија на науки и уметности (МАНУ) поради ниските плати. Според нив, само со отворање на Законот за МАНУ може да се реши проблемот што го имаат..

„Синдикатот ги вклучува вработените во Секретаријатот и стручните единици на МАНУ – стручните, административните и техничките вработени. Овој синдикат не ги опфаќа стручните соработници во истражувачките центри на МАНУ, коишто се друга категорија вработени, и исто така се вметнати во Законот за МАНУ и за нив во Законот е предвиден и колективен договор. Во Законот за МАНУ за нас не е предвиден колективен договор, при што пет, шест и повеќе години, многу колеги во МАНУ сѐ уште немаат одобрување од Министерството за финансии за унапредување во звање, што законски им следува со стажот“, вели Гоце Алексоски, советник за меѓународна соработка во МАНУ.

Претседателството на МАНУ вчера испрати допис до медиумите во кое се вели дека „претседателството дава целосна поддршка на барањата на вработените кои стапија во штрајк за зголемување на платите“. Блажо Вујовиќ, претседател на синдикалната организација на МАНУ, вели дека тие воопшто немале комуникација со претседателството и не биле известени за овој допис со кој им се дава поддршка.

„Тоа што го прочитавме вчера нѐ изненади, бидејќи не знаевме дека воопшто имало седница; а второ, како колектив таа поддршка треба прво да ни се даде нам. Не сме повикани од претседателството, не сме разговарале воопшто со нив. Имавме една средба со извршниот одбор каде што ги претставивме нашите барања и тука заврши сѐ. Потоа, знаеме дека се формираше работна група од членови на претседателството што требаше да го реши нашето прашање. Колку што знаеме ние, таа група не се состанала ниту еднаш, ниту имаме одговор од претседателството ниту од таа група, што е формирана во 2021 година, а сега доаѓа допис со кој ни се дава поддршка“, вели Вујовиќ.

Тој нагласува дека нивниот проблем не е лесно решлив, бидејќи мора прво да се отвори законот за МАНУ којшто, според него, не дозволува ниту да имаат колективен договор.

„Тој закон прво мора да се промени, а за да се промени тој закон, мора да реагира претседателството на МАНУ – единствениот и надлежен што може да го направи тоа. Законот за МАНУ мора да се отвори, друг начин за решавање на нашиот проблем – нема“, вели Вујовиќ.

Во врска со поддршката од академиците, вели дека таква поддршка имаат само декларативно, но досега е без резултати.

„Ние не бевме информирани дека е одржана седница на претседателството и дека е донесена одлука за поддршка. Ако треба да има некаква поддршка таа прво треба да дојде до нас, па да се седне со нив, но тоа не се случи. Нас никој нѐ нема контактирано директно, и тоа е потценувачки за нас. За разлика од нас, за останатата група вработени во Законот за нив јасно стои дека имаат можност со колективен договор за плата – кај нас тоа го нема“, нагласува Вујовиќ.

Владо Димовски, претседател на Прогресивниот синдикат на образованието (ПСО) при ССМ, рече дека веќе биле двапати на разговори во Академијата, при што вработените во МАНУ не го добиле скалестото зголемување на платите. „Тогаш се договоривме да продолжат разговорите, за да не дојде до ова што денеска се случува – штрајкот. Но останаа глуви на сите тие барања, иако дел од академиците биле поранешни синдикалци, биле експерти за економија, кроеле економија на државата, но Академијата во овој дел не се покажа“, вели Димовски.

Претседателството на МАНУ во вчерашниот допис до медиуми во кое ја дава поддршката за барањата на вработените, вели дека „подолг временски период се одржуваат на ниско рамниште и не се на соодветно ниво во однос на другите јавни институции (Влада, министерства, универзитети)“.

„Со појавата на енергетската криза и порастот на инфлацијата платите се дополнително депресирани. Ниските плати ги демотивираат вработените во Академијата така што највисоката научна и уметничка институција во земјава веќе е соочена со одлив на вработените од Секретарјатот на МАНУ и неговите сектори и оддели, па дури и со одлив на дел од техничките и помошни работници“, се вели во дописот.

Претседателството на МАНУ апелира до надлежните институции да обезбедат соодветен финансиски третман на Академијата, т.е. „соодветна буџетска поддршка, како и брзо решавање на недоследностите во постојната законска регулатива, со цел да се овозможи соодветен статус на вработените во Секретаријатот и стручните служби како и на научните соработници“.