Вработените во коцкарниците контра иницијативата на Антикоцкање


Здружението на вработени во секторот игри на среќа „Сакам да работам“ одамна изразува сомневања за вистинската улога на неформалното Движење „Антикоцкање“ од Тетово, кои бараат да нема коцкарници во населени места и бараат за тоа да се распише рефендум.

– Секоја нивна иницијатива е деструктивна и има за цел да предизвика штети по државниот Буџет. Во услови на финансиска неизвесност и економска криза од цените на струјата и енергенсите низ цела Европа, додека многу домашни компании се борат за гол опстанок ова наводно движење тера кампања за отпуштање на речиси 10 илјади вработени и уништување на цела економска гранка која на годишно ниво обезбедува 280 милиони евра приходи во државниот Буџет.
Крајно време е господата кои во името на „Антикоцкање“ конечно да кажат чии интереси штитат и што е нивната крајна цел? Дали одработуваат за нечиј план и сценарио за нелегално заработка од игри на среќа кои би се организирале на црно, без никаков приход за државата? Дали вистинската цел на референдумот е да се затвори легален бизнис за да некој печали од диви играчници кои ќе работат на црно? Се повторува ли нов „Детонатор“, познатиот скандал од 2011, кога полицијата заплени околу 1 500 диво поставени покер апарати во нелегални коцкарници? – велат од „Сакам да работам“.

Се повикуваат на примерот во Албанија, каде по четири години од забраната, албанската Влада се пишмани и повторно дозволи да се организираат игри на среќа. Клучниот аргумент на албанскиот Премиер е дека после забраната, игрите на среќа продолжиле да се одвиваат на црно и дека повторното легализирање на оваа дејност ќе и помогне на албанската економија во време на енергетска и економска криза.

Од „Сакам да работам“ велат дека нема да дозволат некој да си поигрува со судбината на 10 илјади семејства заради политички, лични и бизнис интереси, а нивното право на работен однос ќе го бранат и со масовни протести пред сите надлежни институции.