Вработените во ЈСП најавија штрајк, градоначалничката во ова гледа политика

Независниот синдикат на ЈСП најавува штрајк, бараат подобри услови за работа и повисока плата. Планираат од среда, од 11 до 12 часот, да не ги возат автобусите. Скопската градоначалничка Данела Арсовска кажа дека штрајкот е политички мотивиран. Според неа, не треба тоа да го прават, но не најави како ќе го спречи ова.
„Многу ми е жал. Тоа претпријатие е останато девастирано од претходното раководство. Тие не успеале да ги сервисираат ниту новите возила од 2019 година, а да не зборам за експонатите. Независниот синдикат не знам зошто покренува вакви активности, можеби и политички е мотивирано, бидејќи беше разговарано за скалесто зголемување во рамки на сите претпријатија. Тоа не е добро за нив како синдикат бидејќи го губат својот кредибилитет во процесот на преговарање, а го нарушуваат она што вработените го имаат“, кажа Арсовска, на вчерашната прес-конференција.
ЈСП тврди дека договрено е зголемување на платите
Во врска со најавеното излегување на протест од страна на Независниот синдикат во ЈСП Скопје, сакаме да информираме и укажеме дека ваквиот вид политички мотивирани дејствија се неприфатливи и штетни за целокупното работење на претпријатието и на штета на граѓаните, корисниците на јавниот превоз.
Јавноста и вработените треба да бидат информирани дека Управниот одбор на ЈСП Скопје на 19.04. 2022 год ги прифати барањата на Независниот синдикат со Одлука за линеарно зголемување на платите во износ од 2.800,00 денари.
Поради ова ги осудуваме ваквите дејствија и апелираме дека со политички мотивирани манипулации поттикнати од центри на политичка моќ нема да се допринесе кон развој и унапредување на статусот на вработените во ЈСП Скопје, туку, напротив ќе доведат до непоправлива штета која негативно ќе влијае врз работните процеси и статусот на вработените во претпријатието, како и за граѓаните воопшто, велат од ЈСП.
Илиевски договори потпишување нов Колективен договор
Инаку, во декември лани, тогашниот директор на ЈСП, Иван Илиевски, се сретна со трите репрезентативни синдикати на вработените во Јавното сообраќајно претпријатие ЈСП Скопје, Миќо Стојановски, претседател на Синдикална организација на ССМ при ЈСП Скопје, Зоран Стојановски, претседател на Независен синдикат при ЈСП Скопје и Африм Муча, претседател на Независен возачки синдикат при ЈСП Скопје.
Договорија потпишување на нов Колективен договор, подобрување на условите за работа, решавање на статусот на дел од вработените кои долги години се со времен ангажман.
На средбата се разговараше и за проблемите со кои секојдневно се соочуваат вработените во јавното претпријатие и за нивно итно решавање, како што е недостигот на кадри, одржување на работилници, беа разменети мислења како да се решат проблемите поврзани со другите сектори, а стана збор и за конкретни преговори за правата на вработените како што се редовна и правилна распределба на платите.
Но, Илиевски беше директор само шест месеци, а на негово место во мај годинава, дојде Александар Стојковски.
Со оглед на тоа што од понеделник почнува да важи летниот распоред на возни линии на градските автобуси, ако вработените одлучат да штрајкуваат ќе се случи комплетен колапс на градскиот превоз во главниот град.
ЈСП Скопје информирашр дека поради завршувањето на учебната година 2021/2022, од понеделник, јавниот превоз ќе сообраќа по летен возен ред, а ученичките бесплатни билети нема да важат за време на летниот распуст.