Вработените од „Македонска пошта“ бараат претпријатието да се реорганизира и да опстои


Вработените во „Македонска пошта“ денеска излегоа на масовен протест за да го изразат својот револт и загриженост за иднината на „Македонска пошта“ и за зачувување на своите работни места.

Долг период, месеци и години „Македонска пошта“ се соочува со финансиска криза и со лоша организација на работењето, што доведе до тотален хаос и до дното на опстојување.

– Се уште немаме земено плата и не знаеме кога ќе земеме плата, оти нема доволно финансиски прилив. Не знаеме кога ќе земеме плата поради тоа што немаме доволно финансиски средства, а и менаџерскиот тим нема одговор на тоа прашање, затоа што чекале некаков прилив. Македонска пошта е доведена до состојба на уништување, опстојувањето е под голем знак прашалник и бараме итна средба со новата влада и да ги решиме состојбите. Она што го бараме со години е да се отпочне веднаш и неодложно со новите реформи и целокупна реорганизација. Постапката за систематизација на новите работни места е темел и основа за понатамошна стабилизација и функционирање на друштвото. Владата треба да се заземе за интересот на Македонска пошта, бидејќи 2.000 вработени ќе останеме на улица и ќе бидеме единствен пример во светот државна пошта да не функционира, односно да не постои – рече синдикалниот лидер Боро Велигденов.

Според вработените, до оваа состојба се дојдени поради лошата кадрова, партиска политика што се случува години наназад.

– Доста е со партизирани, нестручни кадри. Новата влада што ќе дојде „Македонска пошта“ е пред уништување, а опстојувањето е под знак прашалник. Бараме да биде ставена како приоритет, за да се најде решение – додаде.

Бараат систематизација и конечно да се средат состојбите, затоа што 2.000 вработени ќе се останат без работа, а Македонија единствена земја без национална пошта.

Повторија дека не им требаат 15 подружници, 15 директори, туку вработени во технолошкиот процес. Бараат новата влада да почне со реформи.

Претставникот на синдикат на „Македонска пошта“ Сашо Димитриевски рече дека имаат информации дека се врши дистрибуција на поштенски пратки од друга држава, што според закон не е дозволиво и побара да се престане со таа пракса.

– Идната влада да преземе мерки и за регулаторното тело Агенција за пошти, кое од нас добива добар прилив за плати, тоа треба да работи според Законот за поштенски услуги. Имаме информации дека во нашата држава се дистрибуираат пратки од соседните земји, што е во спротивност со сите меѓународни прописи за поштенски сообраќај. Агенцијата да преземе одговорност спрема другите оператори кои вршат неконкурентна и нелојална достава на пратки, истакна Сашо Димитриески, повереник во Синдикатот на Македонска пошта.

Последната плата ја зеле пред еден месец на 15 април, а за овој месец пробиен е рокот и уште немаат земено плата, но велат дека тоа не е најголемиот проблем, туку да се смени процесот на работење за да има приходи претпријатието и тоа да опстане.

Вработените од технолошкиот процес си заминуваат и си бараат друга работа. Со малите плати се трудат „Пошта“ да функционира.

Најавуваат штрајк за 7 јуни кога имаат законска можност да го остварат.