Вработена во поликлиниката во Чаир заразена со ковид-19


Вработена во поликлиниката во Чаир е позитивна на ковид-19. Информацијата ни ја потврди и директорот на Здравствен дом – Скопје, д-р Виктор Исјановски. Се работи за жена што работи на шалтерот на главниот влез во објектот и чиј дел е целосно одвоен со стакло, пишува Нова Македонија.

Завчеравечер веднаш бил дезинфициран делот во кој работи таа, а вчера била дезинфицирана и целата поликлиника.
– Очигледно е дека никој не е 100 отсто заштитен од вирусот. Вирусот се пренесува на различни начини, но ние го даваме својот максимум за да ги заштитиме вработените. Вработените во Чаир се исплашени, и тоа е нормално. Некои од нив комуницирале со таа жена. Нема да се тестираат сите вработени, туку само оние што имаат симптоми – информира Исјановски.

Поликлиниката не е затворена за пациентите и работи вообичаено.