Вработен во скопска градинка позитивен на Ковид-19


Во изминатите 24 часа биле направени  209 теста во рамките на скринингот на вработените во градинките, при што бил потврден еден заразен од корона вирусот.

-Денеска е потврден еден позитивен случај-вработен во градинка во Скопје, информираат од Министерството за здравство.

Првиот случај на вработен во детска градинка позитивен на корона вирусот беше откриен во Битола на почетокот на тестирањето.

Од планираните речиси 2.000 вработени во градинки, кои треба да се тестираат на корона вирусот пред отворањето на објектите, досега се завршени 1.267.

Тестирањето почна на 14 мај, а се тестираа вработени во детски градинки во Битола, каде што тестирањето е завршено, и во Скопје, а завршен е и дел од тестирањата на вработените во градинките во Велес.

Министерот за здравство, Венко Филипче, најави дека тестирањето на вработените во градинките ќе трае десетина дена, а кога целосно ќе заврши, се планира и отворање на градинките.

Одлуката да се затворат градинките Владата ја донесе на 10 март годинава кога во земјата беа регистрирани седум случаи на заболени од коронавирус.