Вработен во штипскиот затвор позитивен на Ковид-19


Вработен во штипскиот затвор позитивен на коронавирусот, среќа е што немал контакт со осудениците, бидејќи вечерта, кога последен пат бил на работа, стражарел на една од набљудувачниците. Петмина од неговите колеги кои биле во смената се испратени во изолација. Немаат симптоми, па се очекува деновиве и да се вратат на работните места.

Директорот на Затвор-Штип, Мики Тодоров вели дека веќе трети месец во установата се почитуваат сите протоколи, а осудениците добиваат и дополнителни дезинфекциони средства.

-Во нашата установа имаме контролирано влегување, со задолжително мерење на телесната температура, задолжителна дезинфекција на сите вработени и осудени лица, како и секојдневна дезинфекција на сите простории во установата, вели Тодоров.

Во штипскиот регион активни се над 160 случаи, а во последните три дена има и речиси 60 оздравени од коронавирусот. Заразените се од познатите фабрички кластери, но и членови на нивни семејства, позитивни има и во Светниколскиот регион, каде што се евидентирани 24 активни случаи.

Но, градоначалникот на Општина Свети Николе, Сашо Велковски вели деновиве се очекуваат и вторите негативни тестови за поголемиот број на лица кои го прележале вирусот, а се следи состојбата и на двајца работници во една конфекција, како и на еден поштарски работник, кој на работа одел до средината на минатата недела.