Вработен во контрола на летање позитивен на Ковид-19


Фото: Б. Грданоски

„Македонска навигација“ денеска на својата интернет-страница соопшти дека го регистрирале првиот вработен што е позитивен на Ковид-19.

„М-НАВ АД Скопје, го регистрираше првиот случај на вработен позитивен на корона вирусот Ковид-19. Во насока на превенција од понатамошно ширење на вирусот, покрај интерните донесени мерки М-НАВ А.Д. Скопје постапи согласно насоките добиени од надлежните, ковид центарот и дежурниот епидемиолог. Во рамките на ова, покрај редовната извршена е и вонредна дезинфекција на работните простории од компанија која за тоа има одобрение од Министерството за здравство. Вработениот, како и сите утврдени ризични контакти се во самоизолација со соодветно издадени решенија“, соопштија од М-НАВ.

Од таму велат дека се донесени дополнително засилени мерки на заштита и превенција и дека максимално е ограничен пристапот на надворешни лица во објектите каде се сместени оперативните простории.

„Приоритет за нас во овој момент е континуитет во давањето на нашите услуги на безбеден и ефикасен начин и М-НАВ А.Д. Скопје уште поинтензивно ке работи и придонесува на заштита на своите вработени кои се главен ресурс за обезбедување на ефикасни и безбедни услуги на воздухопловната навигација за сите корисници на нашиот воздушен простор. Менаџментот на М-НАВ будно го следи развојот на ситуацијата со цел преземање на неопходните мерки и во целост ги почитува препораките, заклучоците и мерките дадени од страна на Влада на РСМ и другите надлежни институции“, додаваат од „Македонска навигација“