Возрасен битолчанец починал во пожар во стан во зграда на 12 кат


Фото: Тера

Возрасен битолчанец го загуби својот живот во пожар што се случил во неговиот стан на 12 кат кој се наоѓал во повеќекатна зграда.

Од СВР-Битола соопштија дека истрагата за пожарот кој утрово се случил во стан во зградата викана „пензионерска“ што се наоѓа во непосредна близина на основното училиште „Кирил и Методиј“, е во тек и по завршувањето ќе биде соопшен идентитетот на несреќното лице и причините за пожарот.

Фото: Тера

Екипи на територијалната противпожарна единица во моментов вршат контрола на зградата и станот кој по пријавата за пожар го изгаснале, но, за жал возрасниот битолчанец најверојатно со задушување го изгубил животот.

Превентивно во зградата во тек е повеќечасовен прекин на снабдувањето со електрична енергија.

СВР-Битола попладнево соопшти дека е утврден идентитетот на лицето кое го загуби животот во пожар што се случи на висококатница во Битола.

Станува збор за битолчанецот Ј.Ј. (93 г.) кој живеел во зградата на 12 кат во стан на Булевар „1-ви Мај“ во Битола.

-Утрово во 04.46 часот во СВР Битола беше пријавено дека настанал пожар во стан булевар „1-ви Мај“ во Битола. Пожарот бил изгаснат од екипа на Територијалната противпожарна единица Битола. Притоа, со повреди се здобил и починал Ј.Ј. (93) од Битола, а смрт констатирал лекар од Итна медицинска помош. Увид на местото извршиле екипа од СВР Битола и јавен обвинител по чија наредба телото на починатиот било дадено на обдукција, соопштија од СВР-Битола