Возниот ред останува непроменет – односно неточен


Фото: Б. Грданоски

Советот на Град Скопје денеска не ја прифати Предлог-одлуката за измена на линиски превоз на патници. 

Директорот на Јавното сообраќајно претпријатие Драги Кушевски пред советниците појасни дека оваа измена на линискиот превоз е направена согласно фактичката состојба и дека отстапувањата од возниот ред ќе се намалат за 70 до 80 проценти.

–  Со возниот ред што е предложен се крати времето меѓу едно и друго поаѓање по минута, две, три, не со цел граѓаните да добијат полоша услуга, туку затоа што во текот на сообраќај, во гужвите, оние автобуси што тргнуваат на седум, осум минути се пресретнуваат еден со друг. Едниот вози празен во гужвата, другиот полн и потоа го губи полуобртот. Тој автобус ние го имаме, но останува неискористен. Времето на тргнување од почетната до крајната станица пред 10 години, кога е направена последната измена на линискиот возен ред, било 50 минути, а сега не е можно да се стигне за 55 минути или за еден час. Овој возен ред е направен согласно фактичката состојба. Да не се лажеме дека нема да има остапување, но тие ќе бидат минимални, истакна Кушевски.  

Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата на Град Скопје се изјаснија дека нема да го поддржат барањето со образложение дека според нив се кратат линии.  

– Како претседател на Комисијата за урбанизам и сообраќај, претходните денови одржавме комисија заедно со секторот од градот Скопје за сообраќај и со претпоставените од тоа претпријатие. Морам да ви кажам дека на Комисија оваа точка за измена на линискиот превоз не помина. Како советници од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата нема да поддржиме ваква точка од причина што ние никако не сме за кратење на линиите т.е за намалување на постојните автобуси во текот на денот за граѓаните, рече Мартин Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ.

На денешната седница не помина ниту Предлог-длуката за набавка на еко автобуси.