Вознемирувачко видео: Приведени лицата кои тепаат девојче во Штип


Видео со вознемирувачка содржина е поставено на социјалните мрежи и тоа од две момчиња во Штип, каде се гледа како тепаат девојче.

Од она што може да се слушне од видеото, наводно девојката е бремена од едниот од напаѓачите, а тој ѝ се заканува.

Таа седи во ќош, а тој со клоци ја удира по слабините, додека неговиот другар снима.

Видеото се рашири низ социјалните мрежи, а корисниците бараат МВР да ги пронајде насилниците, кои веќе ги идентификуваа и објавуваат нивни фотографии.

https://youtu.be/sPnxUYRHjI0

По бурните реакции на јавноста на социјалните мрежи, министерот за внатрешни работи Наќе Чулев на неговиот Фејсбук профил напиша дека Секторот за внатрешни работи – Штип преземал мерки за случајот.

– Во врска со видеото кое утрово се споделува на социјалните мрежи, ја информирам јавноста дека од страна на Секторот за внатрешни работи – Штип се преземени мерки за утврдување на идентитетот на лицата, кои се препознаваат на видеото и истите се лишени од слобода за понатамошно постапување. Според информациите од ПС ОН Штип, станува збор за лицата С.А и П.Р, наведе Чулев.

Тој посочи дека за конкретниот настан и преземените мерки известено е Основното јавно обвинителство.

– Министерството за внатрешни работи ги презема сите потребни мерки за целосно расчитување на случајот, посочи Чулев.

Дополнителната министерка за внатрешни работи Славјанка Петровска на Фејсбук објави дека лицата веќе се приведени.

„Почитувани, на социјалните мрежи се споделува видео со навистина вознемирувачка содржина, кое содржи очигледни елементи на насилство. Ве известувам дека лицата се идентификувани, Бирото за јавна безбедност постапува. Постапува и Центарот за социјални работи. Најстроги санкции за ваквото нечовечко однесување“, напиша заменичката министер Петровска.

Основното јавно обвинителство во Штип, како што соопштија, отворило предмет по допрен глас откако на социјалните мрежи и медиумите беа објавен видео записи во кои се гледа насилство извршено над едно лице.

– Во насока на обезбедување услови за непречено водење на натамошната постапка и расчистување на кривично правниот предмет преку прибирање на материјални и вербални докази, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Штип издаде насоки и наредби до надлежните институции за пронаоѓање на сторителите и нивно приведување во полициска станица. Обвинителството во континуитет презема дејствија со цел сторителите да ги изведе пред лицето на правдата, наведоа од ОЈО Штип.