Возила без клима вршат меѓуградски превоз во летните месеци

Дел од превозниците во меѓуградскиот превоз го вршат сообраќајот во летните месеци без клима-уред. Возат според возен ред и во најжешкиот дел од денот, пишува МИА. Патниците негодуваат, но за некои линии немаат алтернатива, па го прифаќаат и таквиот превоз.
Се пожалија патници кои тргнале од Скопје, но не сакаа да ја откријат дестинацијата. Велат дека тргнале напладне, а во возилото немало клима-уред, за што добиле објаснување дека не е во функција.
Од Инспекторатот за транспорт информираат дека тие не прават проверка дали е исправен и дали работи клима-уредот во возилата, но велат дека бараат од превозникот дали има потврда за исполнување посебни техничко-експлоатациски услови, а која ја издаваат станиците за технички преглед.
Тие посочуваат дека се врши контрола секојдневно.
Според правилникот, автобусите и комби-возилата што вршат јавен превоз на патници во внатрешниот и меѓународниот превоз, покрај другите услови што мора да ги исполнат, е и да имаат исправен систем за вентилација.
Правилникот предвидува да имаат правилно прицврстени, нумерирани, исправни и чисти седишта, исправен радиоапарат и разгласен уред за известување на патниците, корпи за отпадоци и средства за дезинфекција, исправни уреди за загревање и за вентилација на автобусот, завеси за заштита од сонце доколку стаклата не обезбедуваат таква заштита, пластични хигиенски ќеси за потребите на патниците и простор за багаж од 0,15 квадратни метри по секое седиште.
Комби-возилата со најмногу девет седишта, сметајќи го и седиштето на возачот, со кои се врши јавен превоз на патници на определени релации во меѓумесниот или приградскиот сообраќај треба да имаат врата за влегување и излегување на патниците од десната страна, разгласен уред за известување на патниците и исправни уреди за загревање и за вентилација на внатрешноста на возилото.
Од Инспекторатот за МИА појаснуваат дека на линии подолги од 100 километри треба да имаат клима-уреди, на линии до 100 километри треба да имаат само вентилација.
Доколку инспекторот утврди неправилности и неисполнување на условите, појаснуваат, дека е предвидена едукација, ако не постапува по едукацијата, следува порамнување, ако, пак, не постапува, се поднесува прекршочна пријава до надлежен суд.
Предвидена глоба за ваков прекршок е 1.850 евра. Превозот на патници се врши врз основа на издадена лиценца од страна на  Министерството за транспорт и врски.