Воздухот во Скопје викендов енормно загаден


Фото: Б. Грданоски

Воздухот во Скопје, особено во централното градско подрачје, и денес беше енормно загаден, покажуваат државните мерни станици. Во вечерните часови на пример квалитетот на воздухот, мерен според параметарот EAQI (Air Qulity Index), имаше вредност од речиси 80 единици, според апликацијата AirCare.

Овој индекс е мерка која прави сума на сите измерени вредности на сензорите на една станица, прикажувајќи ја загаденоста на Европската скала за AQI од 0 до 100, односно колку е поголема вредноста толку е позагаден воздухот.

Графичкиот приказ што го дава апликацијата за изминатите 72 часа покажува дека слични вредности имало и синоќа, а ноќта помеѓу петокот и саботата загадувањето на воздухот било уште поголемо – според овој параметар достигнало речиси 120 единици.

Поединечните параметри, како честичките ПМ- 2,5 и ПМ- 10 исто така покажуваат големи вредности според кои нивното ниво во воздухот е многу високо, а на моменти дури и опасно.

Од каде вакво загадување во средината на септември кога сезоната на греење се уште не е почната, е дилема која треба да ја разрешат надлежните. Особено што иако уште не е помината ниту половина од месецот, до сега во септември со црвено биле означени три дена, со жолто, кое што покажува нешто помало загадување, седум дена, а „зелени“ биле само четири дена кога воздухот бил чист.

Инаку, годишниот извештај на Европската агенција за животна средина (ЕЕА) за 2019 година, кој беше објавен пред два дена, нотира дека Македонија, особено скопскиот и северозападниот регион, влегува во црвената зона на земји со загадување со ПМ 2,5 честички со концентрации над 25 микрограми на кубен метар.

Заедно со останатите земји од источна и југоисточна Европа, земјава бележи и над 1.500 смртни случаи на 100.000 жители годишно, како последица од загадениот воздух, што е највисок процент во Европа.

Земјите од Западен Балкан сериозно го зголемуваат и европскиот просек на смртни случаи од загаден воздух внатре во домовите, кој е директна последица од користењето на фосилни горива за затоплување и готвење. Бучавата, климатските промени, квалитетот на водата за пиење, како и изложеноста на токсични хемикалии, според извештајот, се исто така високо на листата ризици кои сериозно го загрозуваат регионот, а заканата, како од високите температури, така и од екстремните студови, пожарите и поплавите секоја година е сѐ поголема, се вели во извештајот. (Н.В.)