Воздухопловот од Осло до Скопје полн со патници, ќе лета два пати неделно


Преполн со патници беше првиот авион кој од Осло, утрово пристигна во Скопје, а  патувањето го овозможи авиокомпанијата „Норвеџијан“ со која на оваа дестинација ќе може да се лета два пати неделно во понеделник и петок. 

Мариан Лиен, капетанот на авиолинијата Осло-Скопје, рече дека е многу задоволна од реализацијата на овој лет.

„Задоволни сме што сме во Скопје и со нетрпение очекуваме да пречекаме нови патници на нашите летови од Осло до Скопје и назад. Осло има историски места, се наоѓа покрај фјордовите и претставува популарна дестинација за многу туристи. Со нетрпение очекуваме да донесеме и многу Норвежани во Скопје, овде во убавата Северна македонија, ова лето“, порача Мариен Лиен, капетан на летот од Осло. 

„Во име на ТАВ Македонија, како аеродромски оператор и во име на Меѓународниот аеродром Скопје, ми претставува огромно задоволство и привилегија да ви посакам добредојде на сите, за да го поздравиме доаѓањето на комапнијата „Norvegian“ со денешниот инаугуративен лет од Осло до Скопје“, рече генералниот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт, при дочекот на првиот лет од Осло до Скопје.

Меѓународниот аеродром Скопје ќе биде поврзан авионски со главниот град на Норвешка, Осло, односно со аеродромот „Гардерман“ два пати неделно, во понеделник и во петок, почнувајќи од денеска.

„„Норвеџиан“ за првпат ќе лета од Меѓународниот аеродром Скопје, па така имаме можност да ја додадеме „Норвеџијан“ како нова компанија во нашето портфолио и да создадеме уште една можност за македонските патници да ја посетат земјата на прекрасните фјордови, поларната светлина како и да ја користат мрежата мна дестинации на „Норвеџијан“ и да патуваат низ Скандинавија и пошироко“, рече Курт.

Оваа авио-линија ќе започне како сезонска, но се надеваат дека ќе прерасне во редовна авио-линија, којашто ќе оперира низ текот на целата година, бидејќи веруваат и сметаат дека оваа дестинација има голем потенцијал, како за деловни патници, така и за одмор.

Воздухопловот на доаѓање беше речиси полн.