Возачките, сообраќајните и патните листови ќе бидат бесплатни


Фото: Б. Грданоски

 

Владата донесе одлука замената на возачките и сообраќајните дозволи, како и патните листови, за граѓаните во странство, да бидат бесплатни. 

„Донесовме три одлуки. Од денеска го задолживме Министерството за внатрешни работи да ги преземе сите правни акти за да постапи, а тоа е возачките и сообраќајните дозволи за сите граѓани на Република Северна Македонија, којшто треба предвремено да се сменат, да бидат без надомест. Вториот заклучок е МНР да преземе активности издавањето на патните листови за сите граѓани коишто живеат надвор од територијата на РСМ, кои имаат потреба да се вратат за да извадат патни исправи, надоместот за патните листови ќе биде 0 или без надомест и дополнително МНР се задолжи да преземе активности издавањето на патните листови во државите кадешто нема ДКП-а да биде направено онлајн и да бидат испратени по пошта за  нашите граѓани да немаат дополнителни трошоци за да го добијат патниот лист“, рече вицепремиерот Фатмир Битиќи на денешната прес-конференција.

Со ова сметаме дека им излегуваме во пресрет после сите различни толкувања и недоразбирања, за сите граѓани до крајот на годината да се здобијат со сите документи, додаде тој. 

За оние кои досега извадиле документи и платиле колку што чинело, уште нема одлука, но Битиќи најави дека Владата ќе разговара и најдат начини да им се оддолжат затоа што биле совесни граѓани. 

„Се согласувам дека од првиот ден кога е потпишан Договорот да се постапи соодветно, но да не забораваме дека бевме во ковид-криза, па патните исправи не беа прво нешто на кое требаше да се мисли. Првите документи се издаваа од јули 2021 година, можеби требаше поголема медиумска кампања, но законот за АВМУ не беше донесен, па немаше како да се плати некоја кампања“, рече Битиќи, прашан што со оние кои по потпишувањето на Договорот, до јули 2021 година вадеа нови документи, а добиваа со старото име. 

Заменик-министерот за внатрешни работи Митко Бојмацалиев истакна дека од утре на товар на МВР ќе се врши промена на возачките и сообраќајните дозволи со старото уставно име.

„Службите во МВР веќе ги изготвуваат сите интерни акти што ќе бидат потпишани од мене и од министерот за внатрешни работи“, рече Бојмацалиев.

Тој најави дека вработените во управните служби ангажирани во промената на документите утре ќе добијат дополнително по уште една плата во висина на последната исплата. Тој акт, како што рече, е потпишан и од него и од министерот Тошковски. 

Одлуките на Владата се донесени по решенијата што ги донела работната група која пред две недели доби задача да најде решение за сообраќајните и возачките дозволи, патните листови и сѐ што е поврзано околу менувањето или предвременото менување на документи заради законските одредби по уставните измени и промената на името на државата.