Возачките дозволи со старото име ќе важат до крајот на 2024

Партиите со општ консезус се согласија и пратениците ги изгласаа измените со кои треба да им се стави крај на големите грижи на возачите


Фото: Б. Грданоски

 

Со заеднички напор на сите парламентарни партии Собранието попладнево преку законски измени го продолжи важењето на возачките дозволи со старото уставно име до крајот на годинава.

Со 90 гласови „за“, ниту еден против и воздржан, во рамки на 144. седница, по скратена постапка го донесе Законот за измени на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата според кој, возачките дозволи со „Република Македонија“ ќе важат до крајот на годината. Согласно измените, рокот за вадење нови возачки со ознаката „Република Северна Македонија“ наместо до вечерва на полноќ, се продолжува до 31 декември 2024.

Законските измени се на предлог на пратениците Никола Мицевски, Мартин Костовски, Вјолца Адеми, Аднан Незири, Димитар Апасиев и Павле Трајанов.

Како што истакна истакна координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицевски, образложувајќи ги предложените измени, целта е изнаоѓање брзо решение во интерес на граѓаните и нивно ослободување од дополнителниот притисок околу вадењето на личните документи.

„Преку меѓусебен консензус, сите координатори на партиите дојдоа до заедничко решение, на оваа седница да предложат измени на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, по скратена постапка. Се работи за мали измени, односно одредбата во која стои 12 февруари 2024 (денес), се менуваа со 31 декември 2024 или до крајот на годината. Сметаме дека ова законско решение ќе овозможи намалување на долгите редици чекања. Со оглед на кратките рокови и непознаниците кај граѓаните, би апелирал до политичките субјекти во и надвор од Собраниоето, да не ја злоупотребуваат темата зашто во овој момент треба да се најде брзо решение за личните документи на граѓаните“, нагласи Мицевски.

Од повеќе страни денеска се предлагаа законски измени во најкраток можен рок за да се надмине оваа ситуација. Министерот за внатрешни работи во техничката влада, Панче Тошковски на денешната прес-конференција соопшти дека утрово до Владата поднел законски измени на Предлог на законот за изменување на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и Предлог на законот за изменување на Законот за патни исправи на државјаните, по скратена постапка. Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ овие законски измени утрово ги поднесе до архивата на Собранието и барање за свикување на итна седница за оваа прашање со потписи од 20 пратеници.

И пратеничката група на СДСМ ќе поднесе предлог за законски измени со кои возачките дозволи, сообраќајните дозволи, осигурителните полиси и сообраќајните книшки ќе им биде продолжена важноста, соопшти Дарко Каевски, портпарол и пратеник на СДСМ.

Пртетседателот на Собранието, Јован Митрески, на денешната координација со пратеничките групи побара парламентот да преземе итни чекори со цел да се надмине состојбата која произлезе од примената на Преспанскиот договор.

И техничкиот премиер Талат Џафери од тетовско Селце најави дека ќе оди денеска во Собранието, и оти ќе се разгледуваат можностите за надминување на проблемите со употреба на возачките дозволи и пасошите чиј рок истекува вечер на полноќ согласно Преспанскиот договор.

Истовремено, претседателот на Собранието одржуваше ад хок состаноци со координаторите на пратеничките група со цел заеднички да најдат решение за настанатата ситуација, известуваат од законодавниот дом. 

И Демократскиот сојуз предлага преку измена на законите (Закон за лична карта, Закон за патни исправи и Закон за основите на безбедност на патниот сообраќај) да се продолжи рокот на важноста на личните документи (лична карта, пасош и возачка дозвола), како и сообраќајните дозволи, сѐ со цел да не се блокира нормалното одвивање на животот на граѓаните и функционирањето на институциите.

Амбасадорот на Белгија во Македонија, Фредерик Мерис, во интервју за „Независен“ изјави и дека во ЕУ ќе се разговара за проблемот со пасошите.

„Ние ќе имаме состанок на почетокот неделавата што доаѓа на европско ниво. Има работна група во рамките на ЕУ која се справува со вакви прашања  и ќе работиме за да утврдиме заедничка позиција за земјите членки. Најлошо ќе биде ако се случи луѓе да поминуваат низ Унгарија и низ Србија, а Австрија да има друга позиција – тоа е нешто што сакаме да го избегнеме. Така што, во основа, да, ние мора да имаме повеќе јасност идната недела околу ова прашање“, изјави Мерис во интервјуто објавено во неделата. 

Претседателот на државата, Стево Пендаровски, синоќа ги повика парламентарните партии да направат законски измени за да може возачките дозволи со старото уставно име да важат и понатаму во сообраќајниот промет во Македонија. Тој вели дека македонските граѓани биле ставени во „состојба на паника“ по најавите на МВР дека возачките дозволи нема да важат ниту во државата.

На полноќ истекува преодниот период од пет години, односно одредбата од Договорот од Преспа, со која ќе престанат да важат патните исправи и документи за меѓународна употреба, што го содржат старото име на државата. Шефот на дипломатијата Бујар Османи во петокот на брифинг за медиуми кажа дека граѓаните кои што се затекнати во странство по 12 февруари, а се со стари патни исправи, ќе можат да се вратат во државава со патен лист, кој се издава во дипломатско-конзуларните претставништва.

Договорот од Преспа стапи во сила на 12 февруари 2019 година со што важноста на пасошите со старото име истекува пет години подоцна, односно на 12 февруари годинава.

Договорот од Преспа беше потпишан на 17 јуни 2018 година, а уставните измени за промена на името во Северна Македонија во Собранието беа изгласани на 11 јануари 2019 година. По излегувањето на измените во „Службен весник“ во февруари 2019 година почнаа да течат петгодишните рокови согласно Договорот. 

МВР вчера соопшти дека од 13 февруари годинава важат само пасошите и возачките дозволи со новото име. Личните карти, ќе важат и по 13 февруари, и граѓаните ќе можат да ги користат непречено на територијата на Македонија. (Н.В.)