Воведена делумна забрана за движење во шума


Воведена е делумна забрана за движење во шума со оглед на зголемената опасност од појава на пожари на отворен простор заради високите температури што се најавуваат во летниот период.

Забраната почнува да важи од денеска, од 6 до 20 часот и ќе трае се до нејзиното отповикување. Забраната важи во шумите со кои стопанисува ЈП „Национални шуми“.

Од ЈП „Национални шуми“ апелираат до сите граѓани да бидат исклучително внимателни при движење во шума и да се избегнуваат сите активности што можат да предизвикаат пожар.

– Најчест причинител за појава на шумски пожар (во 99 отсто од случаите) е човекот, додека громот и самозапалувањето како причина за настанување на пожар учествуваат само со еден отсто. Пожари предизвикани од човекот може да бидат намерни – подметнати пожари и ненамерни – од невнимание при палење на стрништа, палење пасишта, фрлени опушоци, сообраќајна незгода, искра од алат при работа, искра од електрични далекуводи, приготвување скара во шума, палење логорски оган, палење депонии и друго, се вели во писмената изјава на директорот на ЈП „Национални шуми“ Зоран Ѓорѓиев.

Согласно законските одредби од Законот за шумите, забрането е палење на отворен оган во шума и на земјиште во непосредна близина на шумата, на растојание најмалку од 200 метри од работ на шумата.

ЈП „Национални шуми“ има обврска да презема превентивни, подготвителни и директни мерки за заштита на шумите од пожари. Ѓорѓиев додава дека нивните вработени секојдневно се на терен. По добивањето на информацијата за настанат пожар, претпријатието што стопанисува со шуми, односно посеви, веднаш на местото упатува мобилна екипа со потребните средства и опрема за почетно гаснење, средства за врски, храна и вода за сопствени потреби со задача: да го потврди постоењето на пожарот, да изврши процена за големината и развојот на пожарот и да предложи ангажирање на соодветни персонални и материјални ресурси за негово локализирање и гаснење.

Ѓорѓиев најави и зголемени контроли на дрвната маса низ целата територија на државата.