Востание против Меркел


 

Изборот во неделата во Европскиот совет се чинеше дека е завршен пред да почне.

Конзервативната Европска народна партија (ЕПП) на германската канцеларка Ангела Меркел силно се спротивстави на планот што го изработија водачите на ЕУ на маргините на самитот на Г-20 во Осака, Јапонија, кој ќе го постави социјалдемократот Франс Тимерманс, како следен претседател на Комисијата.

Конзервативците, собрани за состанок на партијата пред самитот, реагираа со неограничен бес на предлогот. Тој предвидуваше дека ЕПП се откажува од претседателствата на Комисијата и Советот, додека го задржува само претседателствувањето со Европскиот парламент и позицијата на висок претставник за надворешни работи.

Меѓу државните лидери што се изјаснија против предлогот беа бугарскиот премиер Бојко Борисов, хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, унгарскиот премиер Виктор Орбан и ирскиот премиер Лео Варадкар. Таа опозиција, заедно со Полска, Романија и други земји кои веќе изразија отпор кон Тимерманс, беше доволна за планот од Осака да стане политички несоодветен.

Претседателот на Советот, Доналд Туск, го претстави предлогот до лидерите на парламентот претходно во неделата само неколку часа по враќањето назад во Брисел од Јапонија. Тој и неговите помошници предупредија оти е далеку од јасно дека пакетот – развиен од Меркел, францускиот претседател Емануел Макрон, холандскиот премиер Марк Руте и шпанскиот премиер Педро Санчез – ќе успее.

„Како ЕПП, ние не се согласивме на пакетот што беше договорен во Осака. Мислам дека е фер да се каже дека има многу спротивставување на предлогот што беше направен во Осака од гледна точка на ЕПП“, рече Варадкар пристигнувајќи во зградата на Советот на Европа. „Огромното мнозинство од премиерите на ЕПП не веруваат дека ние треба да се откажеме од претседателството на Комисијата лесно, без борба“, додаде тој.

Некои официјални претставници на ЕПП и дипломати изјавија дека договорот се чини дека е дизајниран за да „биде од корист за Германија, а особено за Меркел во односите со нејзиниот партнер во владејачката коалиција, Социјалдемократската партија. Во прилог на поставувањето на Тимерманс – кој во моментов е прв потпретседател на Комисијата – постои план германскиот европратеник Манфред Вебер од ЕПП (кандидат за претседател на Комисијата), да стане претседател на парламентот за двоен мандат од пет години.

Како знак дека предлогот се соочува со проблеми вечерата на Самитот на Советот, закажана за почеток во 18 часот, започна дури два часа подоцна.

Пленковиќ, за кого се верува дека има свои аспирации за врвна работа во ЕУ, категорично го отфрли планот на Осака.

„Нема поддршка од лидерите на ЕПП и претседателството на ЕПП за предложениот пакет“, рече Пленковиќ додавајќи дека партијата стои зад Вебер. „Социјалистите и либералите се обидуваат да го дисквалификуваат Вебер без никакви веродостојни аргументи. Преговорите ќе бидат долги и исцрпни“, додаде тој.

„Овој договор е добар за Германија, а не за ЕПП. Некои лидери се бунтуваат против тоа“, рече дипломат од ЕУ. Лидерите на ЕПП се состанаа кратко време по нивното пристигнување на местото на Самитот во канцелариите на латвиската делегација за да развијат заеднички точки за разговор, рече дипломатот.

Борисов, пристигнувајќи на Самитот, рече дека Вебер останува кандидат на ЕПП за претседател на Комисијата и се пожали дека без разлика што би можело да се развие во Осака, четворицата лидери зад предлогот не зборуваат за 24 други лица во Советот.

Неколку официјални претставници на ЕПП изјавија дека Меркел го напуштила состанокот на ЕПП пред да заврши, откако се обидувала залудно да го брани договорот со Осака. Таа пристигна на самитот повеќе од еден час пред нејзините колеги конзервативни лидери.

„Ние ќе кажеме – не“, рече Френк Енгел, член на ЕПП од Луксембург, кој учествуваше во дискусиите на состанокот на ЕПП. „Ова лесно решение не одговара на значењето на ЕПП“, рече Енгел. „Ние нема да се адаптираме кон оние кои сакаат први да бидат опслужени“, додаде тој.

Меркел и понатаму останува највлијателниот лидер на ЕПП и таа е во суштината на дискусиите што доведоа до предлогот од Осака, вклучувајќи ја и вечерата во Берлин каде што ги собра Вебер, претседателот на ЕПП, Жозеф Дол и другите лидери.

Откако објави дека ова ќе биде нејзиниот последен мандат како канцелар, беше јасно дека власта на Меркел над партијата е намалена, а некои партиски членови отворено ги доведуваа во прашање мотивите за поддршка на планот.

„Госпоѓа Меркел ја претставува Германија, а не ЕПП“, рече Паоло Рангел, португалски европратеник и еден од потпретседателите на ЕПП, кој присуствуваше на состанокот пред самитот. (Политико)