Ворен Бафет заминува од Фондацијата „Бил и Мелинда Гејтс“, но остава 4,1 милијарда долари


Милијардерот Ворен Бафет денеска поднесе оставка од функцијата повереник на Фондацијата Бил и Мелинда Гејтс, една од најголемите приватни добротворни организации во светот, откако донираше уште еден дел од своите акции во Беркшир Хатавеј, вреден 4,1 милијарди долари, за филантропски цели.
Од 2006 година, Бафет плаќа годишни придонеси за пет добротворни организации, како дел од неговиот план да сподели околу 99 проценти од неговото нето богатство со филантропски организации.

„Со денешната дистрибуција од 4,1 милијарди долари, јас сум на половина пат“, рече Бафет во изјавата, пренесе Ројтерс, додавајќи дека легендарниот бизнисмен не објаснил зошто го напушта одборот на Фондацијата на Гејтс во моментот, но изразил поддршка за сегашниот извршен директор.
Бил Гејтс и неговата сопруга Мелинда, ко-основачи на фондацијата, поднесоа барање за развод во мај по 27 години брак, но ветија дека ќе ја продолжат нивната заедничка филантропска работа во борбата против сиромаштијата и болестите.

„Со години бев повереник, неактивен управник, само на еден примател на моите средства, фондацијата Бил и Мелинда Гејтс. Сега се повлекувам од таа позиција, исто како што направив во сите други одбори на компанијата, освен Беркшир”, истакна Бафет.
Минатата година Бафет објави дека ги донирал своите акции во Беркшир во вредност од над две милијарди долари на Фондацијата Гејтс, како дел од неговиот претходно објавен план да го донира целото свое богатство пред неговата смрт, додава британската агенција, пренесе Танјуг.