Вонредни информации: Поплави во повеќе региони, свлечишта на патиштата низ тетовско
Центарот за управување со кризи информира дека до 17 часот попладнево се евидентирани поплави и излевања на водотеци во повеќе региони во државата, по обилните врнежи од дожд што ја зафатија земјата во изминатите часови.
Во скопскиот регион, во Општина Сарај, поплавени се селата Буковиќ и Семениште. На терен интервенирале екипи на Општина Сарај, Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје, ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје и Дирекцијата за заштита и спасување. Активностите се насочени кон расчистување на зафатените подрачја и одводнување на поплавените површини, со цел постепена нормализација на состојбата.
Во кумановскиот регион, во Општина Липково, реката Слупчанка излегла од своето корито во село Опае, при што е зафатен дел од населеното место. Излевање е регистрирано и во атарот на село Оризаре, каде се поплавени земјоделски површини. Засега нема пријавени материјални штети од жителите, освен штети на обработливо земјиште. Во Кратово и Крива Паланка не се пријавени поплави.
Во тетовскиот регион, интензивните врнежи довеле до зголемен водостој и проблеми со одводните канали. Пријавени се свлечишта на патните правци Тетово – Џепчиште и кон село Једуарце. Првиот патен правец е затворен за сообраќај, додека вториот е расчистен и повторно прооден. На делницата Тетово – Попова Шапка сообраќајот се одвива отежнато, а од утринските часови е воведена забрана за тешки товарни возила и автобуси. Засега нема опасност од излевање на поголемите водотеци, а снабдувањето со струја и вода е стабилно.

Кичево претворено во езеро
Во гостиварскиот регион се пријавени поплавени куќи, подрумски простории и стопански објекти во Гостивар, Врапчиште и Маврово и Ростуше. Во село Беловиште се интервенирало по пријава за заглавени лица во поплавен објект, кои се безбедно извлечени. Во село Форино е регистрирано излевање на реката Вардар, при што се зафатени земјоделски површини и постои ризик за објектите во близина на мостот кон село Тумчевиште. Ангажирана е механизација за расчистување на речното корито.
Во охридско-кичевскиот регион, во Охрид состојбата е стабилна и нема пријави за излевање или поплави. Во Кичево, по излевањето на Зајашка река, поплавени се повеќе куќи и дворови, а по пладне се пријавени дополнително околу 30 зафатени семејни домови. Извршена е евакуација на стари и изнемоштени лица, како и на деца од поплавените објекти.

Кичево
Од Центарот за управување со кризи соопштуваат дека состојбата се следи континуирано во координација со надлежните институции, а јавноста ќе биде навремено информирана за понатамошниот развој на настаните.
До 16 часот денеска најмногу дожд наврнал во Гевгелија – 23 литри на метар квадратен, потоа Штип – 16, Попова Шапка – 14 и Берово – 12 л/м2, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи – Скопје.
По 10 л/м2 наврнале во Крива Паланка и Виница, 8 во Ѓуриште, 6 во Маврови Анови и Лазарополе, 5 во Крушево, 4 во Скопје-Зајчев Рид, Тетово, Струмица и Пожаране, 3 во Битола, по 2 во Охрид, Велес, Кавадарци и Демир Капија и 1 л/м2 во Прилеп.

Кичево
Од УХМР информираат дека на повеќе места низ земјава има интеракција на подземните и површинските води и појави на заезерувања од самите врнежи. До крајот на денот се очекува висок водостој на река Вардар, река Црна и на река Треска. На останатите помали реки се очекува постепена стагнација и намалување на водостојот во вечерните часови.
Времето до крајот на денот ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. Кон крајот на денот и во текот на ноќта на планините во северозападните делови врнежите од дожд ќе преминуваа во врнежи од снег.