Вонредна состојба во Велика Британија: Пожари во Лондон, рекордните температури ги деформираат железничките шини, делови од земјата без струја

Како што се засилува топлотниот бран во Европа, Британија во четвртокот регистрира 40 степени Целзиусови, највисока температура досега, која ги деформираше дури и железничките пруги и предизвика серија пожари низ Лондон


Сцени како од филм за катастрофа. Во предградијата на Лондон, на истокот на градот, попладнето избувна пожар и зафати неколку куќи. Во исто време, пожарникарите гаснеа уште десет пожари во остатокот од градот. Две лица се хоспитализирани.

„Сè ставаме под контрола, но службата е под голем притисок. Ја замоливме јавноста за помош во следните 12 до 24 часа, да се биде разумен“, повика Џонатан Смит од лондонската противпожарна бригада.

Британија се бори со невидени жештини. Во селото Конинсби измерена е температура од 40,3 степени Целзиусови. Асфалтот буквално се топи на патиштата, па аеродромот Лутон мораше да ги прекине летовите. Железничкиот сообраќај е ограничен. Итните служби се под притисок. Се повикуваат луѓето да избегнуваат скара во парковите.

„Оваа последица од климатските промени, оваа екстремна топлина која се приближува и надминува 40 степени, видот на пожарите што ги гледаме денес би можеле да станат норма, а не исклучок“, рече градоначалникот на Лондон Садик Кан.

Метеоролошката канцеларија соопшти дека во Лондон на аеродромот Хитроу во раните попладневни часови била забележана температура од 40 степени Целзиусови кои сè уште треба да се потврдат, надминувајќи го претходниот рекорд од 38,7 степени Целзиусови поставен во 2019 година.

„Истражувањето во институтот покажа дека температурата од 40 степени е речиси невозможна во Британија, но климатските промени предизвикани од стакленички гасови го овозможија тоа“, вели Стивен Белчер од институтот.

И додека живата во термометрите расте, железничките врски од Лондон до источниот и западниот брег се прекинати, делови од земјата се без струја, а вообичаено преполните градски центри се празни. Британската железница (British Rail) објави голем број фотографии на Твитер на кои се гледаат свиткани шини.

Голем пожар во источен Лондон уништи куќи во селото Венингтон, горејќи ги блиските исушени полиња. И на други места низ градот горат големи тревни површини, а густ чад ги обвива коловозите.

Лондонската противпожарна бригада прогласи тревога и апелираше до луѓето да не палат скари на отворено.

Соочена со невидени температури, Британија, која се бори да ги одржи главните транспортни услуги, прогласи национална вонредна состојба.

Пожари низ Европа

Повеќе од триесет пожари се уште се активни во делови на Шпанија. Пожарот е опасно блиску до куќите во провинцијата Замора, каде што се евакуирани повеќе од шест илјади луѓе од 32 села.

„Сега е критично време поради налетите на ветрот што доаѓаат, ова се многу напнати моменти“, изјави пожарникар Виктор Фернандез.

Тензично е и во Грција. Североисточно од Атина пожарот им се заканува на куќи. Околу 350 пожарникари го изгаснаа огромниот пожар. На стотици луѓе им беше наредено да ги напуштат своите домови. Проблем за пожарникарите е силниот ветер кој ги разгорува пожарите.

Во Шпанија има и човечки жртви во пожарите. Таму две лица загинаа додека се бореа со пожарот. Но топлотниот бран кој зафати голем дел од Европа сè уште не престанува.

Повеќе од илјада смртни случаи поврзани со екстремни горештини беа регистрирани во Португалија ова лето.