Вонредна состојба во јужниот дел на Перу поради активностите на вулканот Убинас (видео)


 Владата на Перу прогласи 60-дневна вонредна состојба во неколку јужни градови бидејќи најактивниот вулкан во земјата Убинас исфрла пепел и гасови.

Пепелта од вулканот Убинас во регионот Мокуегуа, на околу 1.200 километри југоисточно од главниот град Лима, се искачи на надморска височина од 5.500 метри и стигна до градовите оддалечени повеќе од 10 километри, соопшти Геофизичкиот институт на Перу.

Околу 2.000 луѓе живеат во погодената област околу вулканот.

Локалните власти сè уште не наредија евакуација, но Националниот институт за цивилна одбрана започна со подготовка на засолниште кое беше изградено во 2019 година, кога истиот вулкан еруптираше и принуди евакуација на стотици луѓе.

Перу се наоѓа во „Пацифичкиот огнен прстен“, област со голема зачестеност на земјотреси и вулканска активност.