Вонреден самит во Брисел за водечките позиции на Унијата

Лидерите на ЕУ вечер ќе се состанат на вонреден самит во Брисел за да го продолжат процесот за именување на водечките позиции во институциите на Унијата.

Тоа е трети самит од завршувањето на европските избори, на кој треба да се постигне консензус за тоа кој ќе ја претставува ЕУ во наредниот петгодишен период.

ЕУ треба да номинира кандидати за претседател на Европскиот совет, Европската комисија, шеф на дипломатијата и претседател на Европската централна банка.

На претходниот самит на 20 јуни, за ниту еден од кандидатите немаше мнозинство.

Во меѓувреме, продолжија консултациите помеѓу лидерите на ЕУ и претставниците на водечките групи во Европскиот парламент.

Станува збор за комплексни преговори со кои треба да се усогласат различните позиции на земјите членки, Европскиот совет, Европскиот парламент, но и да се создаде рамнотежа меѓу водечките политички групи во ЕУ, рамнотежа меѓу половите, при што се очекува дека барем на две од пет водечки позиции во ЕУ ќе биде жена, потоа географска рамнотежа меѓу кандидатите од западните и источните земји, како и меѓу големите и малите земји – членки на ЕУ.

Предвидено е процесот на номинирање да заврши до инаугурацијата на новиот Европскиот парламент, кој својата прва седница треба да ја одржи на 2 јули во Стразбур.