Вонреден инспекциски надзор и во болницата во Битола

Фото: Б. Грданоски
Министерот за здравство Венко Филипче побара од Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) да испрати вонреден инспекциски надзор во болницата во Битола за да се утврди фактичката состојба во дневната болница по објавените фотографии на социјалните мрежи и во дел од медиумите на кои се гледа како пациент додека прима инфузија, на друг болнички кревет лежат починати пациенти.
Како што соопштија од Министерството за здравство, директорката на Клиничката болница во Битола, Билјана Гагачовска во врска со настанот што се случил вчера во битолската дневна болница, информирала дека еден од пациентите кој бил во лоша здравствена состојба примал инфузија, а на другите два кревета за време на интервенција, пациентите починале.
Согласно лекарските регулирани во член 272 од Законот за здравствена заштита, став 1: „Преглед на умреното лице се врши, по правило, најрано 2 часа по настапувањето на смртта на местото на смртта, а најдоцна 12 часа по пријавувањето“. Од таа причина телото на починатиот не можело да се пренесе во болничката мртовечница, објаснила директорката на болницата во Битола.

Министерството за здравство апелира дека доколку членови на семејство на пациент и лично пациенти имаат било каков сомнеж за евентуален лекарски пропуст или за начинот на лекарски третман, да се обратат до ДСЗИ.