„Волво“ ќе инвестира 1,2 милијарди евра во Словачка во фабрика за електрични возила

Фабриката ќе има капацитет од 250.000 единици и треба да биде отворена во 2026 година


Компанијата „Волво автомобили“ (Volvo Cars) ќе инвестира 1,2 милијарди евра (1,25 милијарди долари) за изградба на нова производствена фабрика во Кошице, Словачка, способна да произведува 250.000 електрични возила годишно, објави автомобилскиот производител во петокот.

„Волво“ има за цел да биде бренд само за електрични возила до 2030 година и за да ја постигне таа цел, соопшти дека ќе треба да додаде уште една фабрика во Европа.

Изградбата на фабриката во Кошице треба да започне следната година. Сериското производство на следната генерација ЕВ на „Волво“ е планирано да започне во 2026 година, соопшти компанијата, додавајќи дека околу 20 отсто од инвестицијата се очекува да покрие словачката влада.

„Проширувањето во Европа, нашиот најголем продажен регион, е од клучно значење за нашата промена кон електрификација и континуиран раст“, ​​рече извршниот директор на „Волво“, Џим Роуан во соопштението.

Првата нова фабрика на „Волво“ во Европа по речиси 60 години ќе биде трета во регионот, придружувајќи им се на фабриките во Торсланда, Шведска и Гент, Белгија, кои имаат комбиниран годишен капацитет од 600.000 возила.

Членот на извршниот одбор на „Волво“, Бјорн Анвол, минатата година изјави дека за автомобилскиот производител да ја надмине целта за продажба на 1,2 милиони возила годишно во 2025 година, ќе треба да додаде уште една фабрика.

„Волво“, кој има за цел да има климатски неутрални производствени операции до 2025 година, соопшти дека фабриката ќе користи само климатско неутрална енергија.

Фабриката на „Волво“ ќе биде петта фабрика за склопување возила во земјата. Останатите фабрики се оддалечени помеѓу 250 и 450 километри во Братислава (Фолксваген групација), Транва (Стелантис), Жилина (Киа) и Нитра (Јагуар Ленд Ровер), пишува „Аутомотив њус Јуроп“.