Волстрит журнал: Хрватска со отворањето на туристичката сезона стана случај кој опоменува

Хрватска стана предупредувачки случај за тоа како меѓународните патувања можат да ја забрзаат пандемијата на Ковид-19, пишува американскиот „Волстрит журнал“ во написот посветен на отворањето на Хрватска за странските туристи ова лето, што доведе до зголемување на бројот на нови случаи.

Весникот оценува дека Хрватска се претвори од добар пример во борбата против вирусот во жариште откако Владата, поттикната од загриженоста за економијата, реши да ја спаси туристичката сезона со олеснување на епидемиолошките мерки.

„Волстрит журнал“додава дека ситуацијата летово во Хрватска може да се спореди со таа зимоска во Ишгл, австриското скијачко одморалиште, каде што, не знаејќи, се заразија илјадници луѓе од цела Европа. Како и во Ишгл, инфекцијата се ширеше меѓу туристите претежно во клубови, кафулиња и на ноќни забави, пишува весникот, цитирајќи изјава на директорот на Хрватскиот институт за јавно здравје Крунослав Чапак.

– Имавме некои туристи кои пристигнаа веќе заразени, но голем број се заразија додека престојуваа тука, рече Чапак.

Текстот исто така го опишува искуството на неколку странци кои летово престојувале во Хрватска и кои опишуваат дека сè било како пред пандемијата.

-Опуштеноста во текот на летото беше во спротивност со ситуацијата во текот на зимата и пролетта, кога Хрватска успеа да го одржи коронавирусот под контрола благодарение на добро подготвениот здравствен систем, одлучувачката епидемиолошка реакција и дисциплинираната јавна претпазливост, рече Иван Џикиќ, истакнат хрватски научник кој работи во Германија.

Тој посочува дека претпазливоста се намалила по првичниот успех затоа што луѓето биле желни да излезат, да патуваат и да уживаат во летото по строгиот карантин.

Една Германка која живее во Франција и редовно го минува одморот на Јадранско Море за весникот изјави дека искуството за одморот во Хрватска овој август е како повторно откривање на слободата по строгите затворски мерки што ги доживеала во Стразбур, каде што живее.

Според германскиот епидемиолошки институт „Роберт Кох“, во периодот помеѓу 10 август и 6 септември, туристите кои се вратиле од Хрватска учествувале со 12 отсто во сите нови случаи на зараза со коронавирус во Германија.