Волстрит повторно остро падна поради стравувањата од рецесија


 

На Волстрит цените на акциите повторно остро паднаа во четвртокот, по седми пат во последните осум дена, бидејќи инвеститорите стравуваат дека агресивното зголемување на каматните стапки од страна на американската централна банка ќе предизвика рецесија.
Индексот Дау Џонс се лизна за 1,54 отсто, на 29.225 поени, додека S&P 500 потона за 2,11 отсто, на 3.640 поени, а индексот Насдак 2,84 отсто, на 10.737 поени.

Откако еден ден претходно скокна за 2 отсто, S&P 500 повторно остро падна вчера, спуштајќи се на најниското ниво од ноември 2020 година.

Во исто време, цените на акциите паднаа во сите 11 најважни сектори на индексот S&P 500.

Под најголем притисок беа акциите на технолошките компании, бидејќи приносите на обврзниците повторно пораснаа, а амбиентот со зголемени трошоци за задолжување не му одговара на тој сектор.

Притисокот на пазарот е последица на стравувањата на инвеститорите дека агресивното зголемување на каматните стапки на ФЕД ќе ја доведе економијата во рецесија.

Минатата недела ФЕД ги зголеми каматните стапки трета сесија по ред за 0,75 процентни поени, на опсег од 3 до 3,25 отсто, што е нивно највисоко ниво од 2008 година.

И лидерите на ФЕД велат дека ќе продолжат да ја зголемуваат цената на парите за да ја спуштат инфлацијата од највисоките нивоа во повеќе од 40 години, пренесува СЕЕбиз.

Лорета Местер, претседателка на филијалата на Банката на федерални резерви во Кливленд, вчера изјави дека не гледа такви неволји на американскиот финансиски пазар што би влијаеле врз ФЕД да ја промени својата политика на зголемување на каматните стапки за да ја спречи инфлацијата.

И новите податоци покажаа дека пазарот на трудот останува многу силен, и покрај зголемувањето на каматните стапки на ФЕД. Бројот на Американци кои првпат поднесоа барање за бенефиции за невработеност минатата недела падна на најниско ниво во последните пет месеци.

„Во овие околности, добрата вест од пазарот на трудот е лоша вест бидејќи покажува дека ФЕД има уште долг пат да направи. Инвеститорите стравуваат дека ФЕД ќе не турне во многу длабока рецесија, што ќе предизвика рецесија на платите. Значи, инвеститорите продаваат акции“, објаснува Фил Бланкато, директор во Ладенбург Талман Асет Менаџмент.

Поради ова, индексот S&P 500 падна за околу 24 отсто од почетокот на годината.

Цените на акциите вчера паднаа и на европските берзи. Лондонскиот FTSE индекс ослабе за 1,77 отсто, на 6.881 поен, додека франкфуртски DAX се лизна за 1,71 отсто, на 11.975 поени, а париски CAC за 1,53 отсто, на 5.676 поени.