Волстрит повторно остро падна

На Волстрит, акциите повторно остро паднаа во вторникот, при што индексот S&P 500 падна на најниско ниво во една година, бидејќи американскиот претседател Доналд Трамп ја ескалира тарифната војна со Кина.
Индексот Dow Jones падна за 0,84 отсто, на 37.645 поени, додека S&P 500 потона за 1,57 отсто, на 4.982 поени, а индексот Nasdaq за 2,15 отсто, на 15.267 поени.
На самиот почеток на тргувањето вчера се чинеше дека Волстрит ќе закрепне од остриот пад од претходните денови бидејќи S&P 500 скокна за 4 отсто благодарение на надежите на инвеститорите дека Трамп или ќе ги олесни или ќе ги одложи најавените дополнителни царини. Основните царини од 10 отсто за целиот увоз во САД важат од 5-ти април.
Потоп на индексите
Сепак, Белата куќа вчера соопшти дека дополнителните царини ќе стапат на сила на 9 април, како што е планирано.
Истовремено, царините за увоз на кинеска стока ќе бидат зголемени за дополнителни 50 отсто, на вкупно 104 отсто. Така Трамп ја исполни својата закана дека ќе ги зголеми царините доколку Кина не се откаже од воведувањето царини за увоз на американски производи. Кина соопшти дека нема да прифати уцена.
Поради засилувањето на царинската војна, на најголемата светска берза стивна сиот оптимизам, па индексите ги загубија сите првични добивки и длабоко паднаа во негативна територија.
Индексот S&P 500 падна на најниско ниво од април минатата година и сега е за 19 отсто понизок од рекордното ниво, постигнато во февруари.
Од минатата среда, кога Трамп најави драстични царини, тој индекс потона за повеќе од 12 отсто, при што беа збришани околу 5,8 милијарди долари од пазарната вредност на компаниите и банките вклучени во тој индекс.
Цените на акциите вчера нагло пораснаа на европските берзи
Доколку негативниот тренд продолжи и во наредните денови, најважниот индекс на Волстрит ќе му се придружи на Nasdaq на територијата на „мечки“, повеќе од 20 отсто под неговото рекордно ниво.
Поради сето ова, индексот на „страв“ VIX достигна ново високо ниво од 2020 година и кризата со коронавирус. Ова значи дека инвеститорите се повеќе ги штитат своите портфолија од евентуален понатамошен пад на цените на акциите.
И на европските берзи цените на акциите нагло пораснаа вчера, бидејќи инвеститорите се надеваат на успешни преговори меѓу САД и Европската унија за царините.
Лондонскиот FTSE индекс скокна за 2,71 отсто, на 7.910 поени, додека франкфуртски DAX порасна за 2,48 отсто, на 20.280 поени, а париски CAC 2,50 отсто, на 7.100 поени.