Волстрит потона повеќе од 3 проценти поради стравот од нови ограничувања


Економистите се загрижени дека досега преземените херкулски напори нема да бидат доволни доколку кризата продолжи по јуни

На Волстрит во средата, цените на акциите паднаа нагло, трет ден по ред, поради стравот дека големиот раст на бројот на пациенти со корона вирус ќе доведе до сериозни ограничувачки мерки, а со тоа и ќе го забави закрепнувањето на светската економија.

Индексот Дау Џонс потона 943 поени или 3,43 проценти на 26.519 поени, што е најниско ниво од крајот на јули, додека S&P 500 се лизна за 3,53 проценти, на 3.271 поени, а индексот Насдак 3,73 проценти, на 11.004 поени.

Најголемиот дневен пад на индексите Dow и S&P 500 од средината на јуни се должи на силниот раст на бројот на нови инфекции со корона вирусот во светот, особено во САД и Европа.

Рекорден број хоспитализирани пациенти КОВИД-19 се пријавени во 12 сојузни држави во САД, додека Германија и Франција објавија дека планираат да затворат голем дел од јавниот живот за еден месец поради немилосрдното ширење на корона вирусот.

„Очигледно, вирусот е надвор од контрола, тој брзо се шири, ситуацијата е лоша. Концептот дека ќе исчезне беше погрешна претпоставка“, вели Ерик Куби, директор во Менаџмент на инвестиции Норт Стар.

Со оглед на ова, станува сè појасно дека ниту САД, ниту глобалната економија нема да закрепнат од корона кризата толку брзо како што се надеваа инвеститорите.

Покрај тоа, станува сè појасно дека Белата куќа и Конгресот нема да успеат да се договорат за новиот пакет мерки за фискални стимуланси пред претседателските избори на 3 ноември.

Вчера најмногу паднаа цените на акциите во хотелиерскиот, авио и другите сектори поврзани со туризмот, што е многу чувствителен на состојбата со корона вирусот.

Индексот на авио-секторот во S&P 500 падна за 4,3 проценти, следен од енергетскиот сектор, со просечен пад од 4,2 проценти, како резултат на наглиот пад на цената на нафтата, поради стравувањата на инвеститорите од продлабочување на корона кризата.

Акциите во технолошкиот сектор исто така паднаа во просек повеќе од 4 проценти, при што акциите на технолошките гиганти како „Епл“, „Алфабет“ („Гугл“) и „Фејсбук“, паднаа за над 4,5 проценти.

Инвеститорите не беа охрабрени ниту од солидните квартални финансиски извештаи на компаниите. Од 206 компании во индексот S&P 500 кои досега објавија извештаи, 83 проценти ги надминаа очекувањата на аналитичарите.

Но, иако се повисоки од очекуваните, заработката на компаниите е во просек 14,8 проценти пониска од минатата година во третиот квартал.

И на европските берзи цените на акциите вчера нагло паднаа. Лондонскиот индекс FTSE падна за 2,55 проценти, на 5.582 поени, додека франкфуртскиот DAX потона 4,17 проценти, на 11.560 поени, а парискиот ЦАЦ 3,37 проценти, на 4.571 поен.