Волстрит падна на почетокот на неделата


На Волстрит во понеделникот берзанските индекси паднаа затоа што деловните резултати на компаниите не се импресивни и затоа што наскоро американската централна банка повторно агресивно ќе ги зголеми каматните стапки.
Dow Jones загуби 216 поени или 0,69 отсто, на 31.072 поени, додека S&P 500 се лизна за 0,84 отсто, на 3.830 поени, а индексот Nasdaq 0,81 отсто, на 11.360 поени.

На самиот почеток на тргувањето овие индекси беа во позитивна територија бидејќи инвеститорите се надеваа дека е можно продолжување на растот на цените на акциите, пренесува СЕЕбиз.

Имено, тие силно пораснаа во петокот бидејќи стивнуваат стравувањата на инвеститорите дека американската централна банка ќе ги зголеми клучните каматни стапки за цел процентен поен.

Но, ентузијазмот падна во понеделникот бидејќи високата инфлација значи дека ФЕД ќе мора агресивно да ги зголеми каматните стапки на состанокот во јули, можеби не за цел процентен поен, но речиси сигурно за 0,75 процентни поени.

„Навистина е тешко да се одржи нагорната динамика на пазарот. И тоа е обично приказна за „мечкин пазар““, вели Рос Мејфилд, стратег во Baird.

Ниту кварталните деловни резултати не се импресивни. Сепак, повеќето компании и банки известуваат за подобри резултати од очекуваните во вториот квартал. Резултатите се подобри од очекуваните бидејќи очекувањата се генерално мали.

Така, на пример, цената на акцијата на Голдман Сакс донекаде порасна, откако таа инвестициска банка пријави помал од очекуваниот пад на заработката во последниот квартал, за 48 отсто.

И на европските берзи цените на акциите вчера пораснаа. Лондонски FTSE индекс зајакна 0,90 отсто, на 7.223 поени, додека франкфуртски DAX порасна за 0,74 отсто, на 12.959 поени, а париски CAC 0,93 отсто, на 6.091 поен.