Волстрит падна четврти ден по ред


 

На Волстрит, цените на акциите паднаа четврти трговски ден по ред во понеделникот, бидејќи инвеститорите стравуваат дека натамошните зголемувања на каматните стапки од страна на американската централна банка ќе предизвикаат рецесија.

Индексот „Дау Џонс“ (Dow Jones) загуби 0,49 отсто, спуштајќи се на 32.757 поени, додека S&P 500 се лизна за 0,90 отсто, на 3.817 поени, а индексот „Насдак“ (Nasdaq) загуби 1,49 отсто, на 10.546 поени.

Пазарот е под притисок од минатата среда, кога ФЕД соопшти дека каматните стапки би можеле да се зголемат на повисоки нивоа од очекуваното и да останат на тие нивоа подолго од очекуваното.

Според овие проценки, крајната каматна стапка, на која ќе запре циклусот на зголемувања на каматните стапки, би можела да достигне 5,1 отсто, додека претходно се очекуваше 4,6 отсто.

Тоа значи дека ФЕД и во следната година ќе ги зголеми каматните стапки за вкупно 0,75 процентни поени, во опсег од 5 до 5,25 отсто.

По зголемувањето за 0,50 процентни поени минатата среда, клучните каматни стапки се во опсег од 4,25 до 4,50 отсто, што е нивно највисоко ниво во последните 15 години.

Во последните месеци инфлациските притисоци донекаде се намалија, но минатата недела претседателот на ФЕД Џером Пауел изјави дека податоците за инфлацијата во октомври и ноември се добредојдени индикации за забавување на растот на цените, но дека тоа не е доволно.

А поради зголемувањето на каматните стапки забавува и растот на економијата. ФЕД проценува дека бруто домашниот производ (БДП) следната година ќе порасне за 0,5 отсто, како и оваа година, но шефовите на неколку големи американски банки деновиве изјавија дека економијата следната година би можела да западне во рецесија.

„Прашањето е дали економијата ќе слета тивко или ќе западне во рецесија? Дали ФЕД одговори соодветно?“, вели Мелиса Браун, директорка во Applied Research.

Во овој период од годината, цените на акциите обично растат бидејќи заедничките фондови и другите големи инвеститори ги зајакнуваат своите портфолија, што е вообичаено за крајот на годината.

Но, аналитичарите велат дека оваа година вообичаениот раст на цените на акциите може да отсуствува или ќе биде многу слаб.

„’Подемот на Дедо Мраз’ обично започнува во средината на декември на крилјата на радоста и новогодишниот оптимизам, бонусните инвестиции, нискиот обем на тргување и отсуството на повлекување на капиталот од пазарот. Но, во годините кога пазарот е во минус до средината на декември, како што е случајот сега, подемот на Дедо Мраз е обично послаб или помалку сигурен“, објаснува Шејн Оливер, стратег во AMP Capital.

На европските берзи, пак, цените на акциите вчера пораснаа. Лондонскиот FTSE индекс зајакна за 0,40 отсто, на 7.361 поен, додека франкфуртскиот DAX порасна за 0,36 отсто, на 13.942 поени, а париски CAC 0,32 отсто, на 6.473 поени.