Волстрит: Остар пад на берзанските индекси по лошите податоци за инфлацијата


Американските индекси драстично паднаа во средата по полошите од очекуваните податоци за инфлацијата во март, што веројатно ќе го пролонгира намалувањето на каматните стапки од страна на Федералните резерви што инвеститорите го очекуваа.
Чувството на инвеститорите дополнително ослабе по објавувањето на записникот од состанокот на ФЕД во март, што ја одразува загриженоста на официјалните лица дека инфлацијата не се движи доволно брзо кон целта на ФЕД од 2 отсто.

Дау Џонс индастријал авериџ (Dow Jones Industrial Average) падна за 422,16 поени или 1,09 отсто. СиП (S&P) 500 се лизна за 0,95 отсто, а Насдак композит (Nasdaq Composite) 0,84 отсто.

Со исклучок на енергетиката, сите сектори во широкиот пазарен индекс беа негативни. Недвижностите паднаа за 4,1 отсто, што ги предводи загубите на секторот за тој ден. СиП 500 беше во застој во април во пресрет на овој извештај за инфлацијата по силниот почеток на годината во кој реперот се зголеми за повеќе од 10 отсто, што е негова најдобра добивка во првиот квартал во последните пет години.

Индексот на цените (CPI) се зголеми за 0,4 отсто месечно и 3,5 отсто на годишно ниво во март, наспроти проценките за 0,3 отсто месечно зголемување и 3,4 отсто годишно, според економистите анкетирани од Дау Џонс. Основниот CPI, кој ги исклучува промените во цените на храната и енергијата, забрза за 0,4 отсто од претходниот месец, додека се зголеми за 3,8 отсто од претходната година, во споредба со проценките од 0,3 отсто и 3,7 отсто, соодветно. Индексот на трошоците на животот се зголеми во април со годишна стапка од 3,2 отсто за сите ставки.

Податоците за фјучерсите на ФЕД сега укажуваат на само 17 отсто шанса ФЕД да ги намали стапките на состанокот во јуни, според CME FedWatch Tool. Трговците сега се обложуваат дека првото намалување на каматата најверојатно ќе се случи на состанокот на централната банка во септември, пренесеува регионалниот бизнис портал СЕЕбиз.

Приносот на 10-годишните државни обврзници, репер за хипотекарни и други заеми, скокна над 4,5 отсто по извештајот за инфлацијата. Приносот на 2-годишните државни обврзници скокна на речиси 5 отсто.

Банкарските и индустриските акции паднаа – при што ЈП Морган Чејс (JPMorgan Chase) падна за 0,9 отсто, а „Ханивел“ (Honeywell) загуби 1,4% – поради загриженоста дека повисоките стапки ќе почнат да ја задушуваат економијата. Некогаш вжештените технолошки акции Мајкрософт и Епл исто така се повлекоа за 0,7 отсто и 1,1 отсто, соодветно. Референтната вредност на малите капитализации Расел 2000 падна за 2,5 отсто.