Волстрит: Индексите скокнаа, инфлацијата се помалку ги загрижува инвеститорите


Американските индекси скокнаа за повеќе од 1 отсто во четвртокот, бидејќи новите податоци за намалувањето на инфлациските притисоци во САД ги поддржаа надежите на инвеститорите дека американската централна банка наскоро ќе го заврши циклусот на зголемување на каматите.

Дау Џонс зајакна 1,14 отсто, на 34.029 поени, додека S&P 500 порасна за 1,33 отсто, на 4.146 поени, а индексот Насдак порасна за 1,99 отсто, на 12.166 поени.

Силниот раст на индексот е благодарение на новите индиции за ублажување на инфлаторните притисоци.

Откако претходните податоци покажаа дека потрошувачките цени во март пораснале помалку од очекуваното, вчера беше објавено дека производствените цени во истиот месец паднале за 0,5 отсто на месечно ниво, додека аналитичарите очекуваа стагнација на тие цени.

Овие податоци покажуваат дека заострувањето на монетарната политика на американската централна банка дава резултати, дека инфлацијата стивнува и дека пазарот на трудот, а со тоа и притисокот врз потрошувачката и растот на платите, се „лади“.

Сепак, повеќето аналитичари сè уште веруваат дека ФЕД ќе ги зголеми клучните каматни стапки за уште 0,25 процентни поени на состанокот во мај, но сè повеќе се оние кои веруваат дека ФЕД ќе ги остави каматните стапки непроменети во опсег од 4,75 до 5 проценти и со тоа да се заокружи циклусот на зголемување на цената на парите.