Волстрит: Индексите на најниско ниво од јуни


 

Цените на акциите остро паднаа на Волстрит, спуштајќи се на најниското ниво од почетокот на јуни, бидејќи новите економски податоци ги поттикнаа стравувањата дека ФЕД повторно ќе ги зголеми каматните стапки до крајот на годината.

Дау Џонс (Dow Jones) се лизна за 1,29 отсто, на 33.002 поени, додека СиП 500( S&P 500) потона за 1,37 отсто, на 4.229 поени, а индексот Насдак  (Nasdaq) за 1,87 отсто, на 13.059 поени. Падот на СиП 500 на најниско ниво од 1 јуни и на Дау Џонс и Насдак од крајот на мај следеше по извештајот кој покажа дека отворените работни места во САД се зголемија силно во август, многу повеќе отколку што очекуваа аналитичарите.

Ова покажува дека пазарот на трудот останува силен, што би можело да го поддржи растот на платите, а со тоа и потрошувачката и инфлацијата. Ова ги зголеми стравувањата дека ФЕД уште еднаш ќе ги зголеми клучните каматни стапки до крајот на годината и ќе ги задржи на повисоки нивоа подолго од очекуваното. Како резултат на тоа, приносите на 10-годишниот американски трезор вчера достигнаа нови 16-годишни највисоки нивоа, додека цените на акциите нагло паднаа.

„До неодамна, повеќето инвеститори замислуваа дека ФЕД наскоро ќе мора да ги намали каматните стапки и дека ќе се вратиме во средина со поволни каматни стапки. Но, сега најверојатното сценарио е поинакво сценарио – повисоки каматни стапки и на подолг период “, објасни Рик Меклер, партнер во Cherry Lane Investments.

Рафаел Бостиќ, претседател на филијалата на Банката на федерални резерви во Атланта, рече дека централната банка не мора нужно повторно да ги зголемува каматните стапки, но веројатно ќе помине долго време пред да почне да ги намалува. Лорета Местер, претседателка на филијалата на ФЕД во Кливленд, од друга страна, рече дека е отворена за уште едно зголемување на каматните стапки, можеби веќе на следниот состанок на ФЕД.

Од единаесетте најважни сектори на индексот СиП 500, цените на акциите вчера паднаа во десет, а степенот до кој инвеститорите се загрижени покажува порастот на индексот на страв VIX на берзата во Чикаго на највисоко ниво од крајот на мај. Растот на овој индекс покажува дека инвеститорите се повеќе ги обезбедуваат своите портфолија од евентуален натамошен пад на цените на акциите.

По вчерашниот пад, индексот Дау Џонс е намален за 0,4 отсто во однос на почетокот на годината, додека СиП 500 е во плус за околу 10 отсто, а Насдак за околу 25 отсто. Цените на акциите вчера паднаа и на европските берзи. Лондонскиот FTSE индекс ослабе за 0,54 отсто, на 7.470 поени, додека франкфуртски DAX се лизна за 1,06 отсто, на 15.085 поени, а париски CAC за 1,01 отсто, на 6.997 поени. (СЕЕбиз)