Волфсбург, имаме проблем: Како „Фолксваген“ заглави во Кина

Еден лош краш – тест за новиот модел на „пасат“ ја преполови продажбата на автомобилите на „Фолксваген“ во Кина. Германскиот производител бара начин како да излезе од неволјите, но тоа тешко му оди
Кон крајот на декември 2019 година, менаџерите во седиштето на „Фолксваген“ во Волфсбург сфатија дека може да имаат сериозен проблем во Кина, најголемиот пазар на компанијата и билет за нејзината електрична иднина.
Нивниот водечки седан „пасат“ помина лошо во неофицијалниот тест за безбедност спроведен од страна на тело на осигурителната индустрија, кој симулираше судир од предната страна на возачот, тест што широко се користи во Соединетите Држави веќе една деценија.
Автомобилот беше демолиран. Видеото од безбедносниот тест стана вирално, привлекувајќи милиони прегледи и предизвика бура на социјалните мрежи низ Кина, каде успехот на германскиот автокрал е изграден врз основа на неговата репутација за супериорен квалитет и инженерство.
„Фолксваген“ не беше обврзан да стори ништо – „пасатот“ го помина тестот за фронтален судир на кинеските регулатори, истиот тест што се користи во голем дел од Европа, и тест за кој производителот на автомобили и многу експерти од индустријата веруваат дека подобро ги отсликува условите за возење во Кина.
Како и да е, Волфсбург постапи брзо, според две лица кои се непосредно запознаени со оваа работа. Неколку дена по објавувањето на резултатите од тестот, беше собран тим од десетици инженери и менаџери за да работат со SAIC-Volkswagen, заедничкото вложување 50/50 што произведува „пасати“ во Кина, велат тие.
Во почетокот на 2020 година тимот одлучи дека зајакнати метални компоненти треба да се додадат на предната страна на сите нови „пасати“ и на повеќе други модели произведени во Шангај, по цена од околу 400 јуани (62 американски долари) по возило, според изворите.
Таа структурна модификација, чии детали не беа претходно пријавени, ќе чини десетици милиони долари годишно за стотиците илјади возила, велат изворите. Тоа беше значителен трошок за компанија која соопшти дека се обидува да ги намали трошоците за производство во Кина и на глобално ниво.
Интервенцијата наспроти онлајн активизмот на потрошувачите ја нагласува важноста на Кина, најголемиот пазар на автомобили во светот, и на кој „Фолксваген“ се потпира за финансирање на транзицијата од 35 милијарди евра во електрични возила и исполнување на ветувањето да ја престигне „Тесла“ со цел да стане глобален лидер за електрични возила до 2025 година.
Скапото откажување на глобалните автомобилски производители од нафтата доаѓа во време кога тие веќе не можат да сметаат на доминацијата што ја уживаа во минатите децении во Кина, каде ја чувствуваат конкуренцијата од локалните производители на бензински и електрични возила кои ги предизвикуваат со технологијата и дизајнот.
Портпаролот на „Фолксваген“ изјави дека компанијата развива производи специјално за кинескиот пазар и дека неуспешниот тест на „пасат“ симулирал директен судир помеѓу два автомобила, сценарио за кое се вели дека е помалку веројатно во Кина отколку во САД.
„Во Кина постојат централни бариери на автопатите“, додадоа од „Фолксваген“. „Во Кина вообичаено нема толку многу камиони или пикапи во споредба со американските сообраќајни сценарија“.
Запрашан за модификацијата од 400 јуани, портпаролот рече дека „Фолксваген“ постојано ги подобрува своите производи според повратните информации од клиентите и за да ги направи побезбедни.
Тешко е да се споредат дизајните на „пасатите“ низ пазарите на „Фолксваген“, бидејќи тие честопати се фундаментално различни возила изградени на различни производствени платформи. Според изворите, новиот „пасат“ во Кина беше првиот модел што имаше ваква структурна модификација кога беше претставен во средината на 2020 година. Го положи тестот на осигурителната индустрија кој неговиот претходник не успеа да го помине.
Но, репутациската и финансиската штета се покажа како поупорна за „Фолксваген“, кој беше најпродаван странски производител на автомобили во Кина, остварувајќи во голема мера здрави профити во текот на своите три децении таму, најдолг период од сите играчи во странство.
Профитот на „Фолксваген“ по возило во земјата се намали од 1.400-1.500 евра околу 2015 година на околу 1.000 евра и уште поблиску до 800 евра во последните квартали, според аналитичарите на „Бернштајн“, кои ја опишаа Кина како пазар „од најголема важност за финансиското здравје на VW“.
Продажбата на „пасат“, и пошироко во претпријатието со SAIC Motor, опадна – нешто што „Фолксваген“ го припишува главно на реакциите поради неуспешниот краш – тест, како и проблемите со поставата на производи и глобалниот недостиг на чипови.
Во знак на финансиските притисоци со кои се соочува индустријата, еден внатрешен меморандум, виден од Ројтерс, покажува дека финансискиот тим на SAIC-Фолксваген им наредил на менаџерите да ги намалат трошоците на работилниците за 30 отсто во 2019 година, наспроти претходната година, кога продажбата на автомобили во Кина се намали за првпат од 1990-тите.
„Фолксваген“ одби да ги коментира бројките за профитабилноста на „Бернштајн“ или внатрешната белешка.
Приходите на SAIC-Фолксваген се намалија за 26 отсто на 174,5 милијарди јуани минатата година наспроти 2019 година, додека профитот падна за 23 отсто, до 31 милијарди јуани. Продажбата на „пасат“, некогаш еден од најпродаваните во својата класа седан пред тестот на осигурителното тело, падна за 32 отсто, на 145.805 возила.
Немаше одмор за SAIC-Фолксваген во 2021 година, при што продажбата падна за 7,8 отсто во првите шест месеци во споредба со една година порано кога беснееше пандемијата. Вкупната продажба на кинески патнички автомобили скокна за околу 29 отсто.
Вкупно 47.480 „пасати“ беа продадени во првите шест месеци од оваа година во Кина, зад 91.110 „тојота камри“ и 89.157 „хонда акорд“. Бројките од истиот период од 2019 година, пред да се појави пандемијата, покажуваат колку стрмно падна моделот на „Фолксваген“: тогаш беа продадени 91.400 „пасати“ наспроти 111.968 „акорди“ и 85.396 „камри-ја“. (Ројтерс)