Вол Стрит: Индексот Дау Џонс прв пат над 30.000 поени


Индексот Дау Џонс скокна повеќе од 500 поени во еден момент од денешното тргување, за првпат надминувајќи ја границата од 30.000 поени.

Порастот на акциите што беа под притисок пред неколку недели се вжешти по веста за вакцините и надежите на инвеститорите за силно закрепнување на економијата.

Триесет акции од индексот Дау зајакнаа 512 поени, или 1,7 проценти. На врвот на денешното тргување, индексот достигна 30.116,51 поен, пренесува CNBC.

Акциите на „Шеврон“ пораснаа повеќе од 4 отсто и беа најголемиот победник меѓу акциите од индексот Дау Џонс. JPMorgan Chase и American Express скокнаа повеќе од 3 отсто.

„Ова е уште еден потсетник за тоа колку далеку отидоа акциите и економијата од дното во март“, изјави Рајан Детрик, главен стратег на пазарот во LPL Financial, коментирајќи го пресвртот на Дау.

„Иако 30.000 поени не се разликуваат многу од 29.999, има нешто посебно во овие големи бројки – пресвртници“.

Стандард и Пурс 500 (S&P 500) се искачи за 1,5 отсто, достигнувајќи рекордно високо ниво, а Nasdaq Composite напредуваше за 1 отсто. „Расел 2000“ исто така го достигна највисокото ниво на сите времиња.

Со денешниот раст, Дау Џонс достигна месечен скок од 13 проценти, што би било најголема месечна добивка од 1987 година. S&P 500 и Nasdaq пораснаа за 11,2 оттсто и 10,1 отсто, соодветно, во ноември. Ако остане така, ова ќе бидат најдобрите месечни перформанси на Nasdaq и S&P 500 од април.