Војната во Украина веќе уби 16 деца (ВИДЕО)

На удар беше и болницата за лечење деца болни од рак и други најтешки болести кои сега се сместени и добиваат терапија во подрумите претворени во шелтер. 


Полина Семјон

Брат и сестра се борат за живот откако нивното семејство беше застрелано од руските сили, при што беа убиени нивните родители и сестра, додека се обидувале  да побегнат од Украина. Полина имаше 10 години кога таа и нејзините родители Антон Кудрин и Светлана Западинскаја беа убиени од руските војници во близина на Киев. Војниците отворија оган врз семејството додека  се наоѓаше во автомобил во обид да избега од главниот град во саботата, на третиот ден од инвазијата на Владимир Путин на Украина. Малиот брат на Полина Семјон и постарата сестра Софија се во болница, не знаејќи дека нивните родители и сестра се мртви.

Сликата на розовокосата Полина ја сподели Володимир Бондаренко, заменик-градоначалникот на Киев, кој рече: „Нејзиното име беше Полина. Учела  во 4-то одделение на училиште во Киев. Таа и нејзините родители беа застрелани од руски диверзантски разузнавачки групи.

Најмалку 16 деца се убиени, а 45 се повредени во првите четири дена од руската инвазија, рече  украинскиот претседател Володимир Зеленски.Разорните фотографии прикажуваат деца осакатени или убиени додека лежат на креветите на одделенијата или во амбулантни возила, откако бомби паѓаа врз предучилишните установи, сиропиталиштата, станбените области и болниците.

Шестгодишно девојче облечено во розови пижами со еднорог беше фатално рането од гранатирање во Мариупол во неделата, а фотографијата покажува дека лекарите се обидуваат да го спасат давајќи ѝпрва помош додека нејзината мајка во тага плаче. Лекар во син медицински мантил, пумпајќи кислород во неа, погледна директно во камерата на фоторепортерот на Асошиетед прес на кој му беше дозволено да влезе внатре и рече: „Покажи му го ова на Путин – очите на ова дете и лекарите што плачат“.

Седумгодишната Алиса Хланс беше убиена заедно со уште шест деца кога во петокот, на вториот ден од руската инвазија, во градот Охтирка во североисточна Украина беше погодена претшколска установа во која тие се криеја. Јавниот обвинител Ирина Венедиктова рече дека Алиса починала следниот ден во болница и дека лекарите исто така се бореле да спасат второ дете. Исто така во петокот, едно неименувано момче беше убиено кога беше гранатиран станбен блок во малиот град Чухуив во регионот Харков.

Во четвртокот, кога Путин ја започна инвазијата, пет членови од истото семејство беа убиени во Керсон, во јужна Украина, додека руските трупи се упатуваа кон градот од Крим. Меѓу жртвите се Софија Федко (6), нејзиниот брат Иван, кој имал само неколку недели, мајката Ирина и двајца баби и дедовци на 50-годишна возраст. Исто така, 10-годишно момче почина од прострелни рани додека брзата помош со која патуваше во детската болница Охматдит беше под оган, изјави локалниот лекар д-р Андреј Висоцки за Sky News.

Киев соопшти дека најмалку 352 Украинци се убиени, вклучително и 16 деца, од почетокот на инвазијата. Повеќе од 5.000 војници ги загубија животите за помалку од една недела конфликт. Повеќе од 660.000 луѓе, главно жени и деца, избегаа од Украина во соседните земји во последните шест дена.

На удар беа и децата во болницата за лечење деца болни од рак кои сега се сместени и добиваат терапија во подрумите претворени во шелтер. Украинските медиуми прашуваат каде се ОН, ОБСЕ, Црвениот крст и другите меѓународни организации кои треба да обезбедат хуманитарен коридор барем за децата што страдаат соочени со невидена агресија од која сите се исплашени.