Војната во Украина ја покажа Ахиловата пета на Германија – индустријата очекува помал раст


Германската индустрија драстично ја намали прогнозата за економски раст за оваа година, на само 1,5 отсто, соопшти германската асоцијација на индустријата по повод Денот на индустријата.
На почетокот на годината индустријата и натаму прогнозираше раст од 3,5 отсто за тековната година.
Претседателот на Здружението на германската индустрија Зигфрид Русвурм изјави дека војната во Украина ја покажа Ахиловата пета на Германија, а тоа е безбедноста на снабдувањето со енергија, суровини и основни технологии.

Тој рече дека индустријата очекува економијата да закрепне, во смисла на враќање на нивото пред короната, најрано на крајот на годината, но со предуслов да има доволно руски гас за Западна Европа.

„Прекинот на снабдувањето со руски гас би имал катастрофални последици за индустријата и би ја довел нашата економија во рецесија“, нагласи Русвурм.

Инаку, индустријата го намали и растот на извозот, за кој на почетокот на годината предвидуваше раст од 4,5 отсто за 2022 година, а сега само 2,5 отсто.