Војната во Украина дојде на 25 км. од ЕУ, најмалку 35 загинати во напад врз воена база кај Лавов

Украинскиот министер за одбрана Олексиј Резников рече дека во објектот работат странски воени инструктори, но не е јасно дали имало такви кога се случил нападот


Медиумите јавуват за повеќе загинати и ранети лица во нападот врз Меѓународниот центар за мир и безбедност во близина на Лавов, во западна Украина, на само 25 километри од границата со ЕУ.  Првично, гувернерот на Лавовската област изјави дека во нападот на воената база на Меѓународниот центар за мир и безбедност загинале девет лица, а 57 се ранети, но бројката потоа се искачи на 35 лица.

Максим Козицки потврди дека Русија истрелала 30 ракети врз комплексот на околу 50 километри југозападно од Лавов и на околу 25 километри од границата со Полска во неделата нешто пред 6 часот наутро.

Но според последните информации, во ракетниот напад врз воената база во близина на Лавов загинаа 20 лица, изјавија за Гардијан работниците од итната помош.

Лук Хардинг од Гардијан, кој се наоѓа во Јаворив, каде што е базата, рече дека пријавениот број на загинати го надминува оној што го објави гувернерот на регионот Лавов рано наутро во неделата. Максим Козицки рече дека девет лица биле убиени во воздушните напади врз воената база на Меѓународниот центар за мир и безбедност, а 57 биле ранети.

Две големи експлозии беа забележани во неделата во базата во Јаворив, гарнизонски град на само 12 километри од полската граница. Ракетниот напад се случил во 5.45 часот.

„Се тресеа прозорците. Целата куќа вибрираше. Беше темно. Небото се осветли со две експлозии“, рече Степан Чума (27), работник за итна помош, кој побрза на местото на настанот со своите колеги.

Тој рече дека е потврдена смртта на 20 лица. Деветнаесет амбулантни возила со свирење на сирени беа видени како возат од правец на базата, изјави сведок, според Ројтерс.

Забележани се уште седум возила на брза помош како возат кон објектот.

Според Ројтерс, претходно во неделата Козицки изјави дека Русија истрелала 30 ракети врз комплексот.

Украинскиот министер за одбрана Олексиј Резников рече дека во објектот работат странски воени инструктори, но не е јасно дали имало такви кога се случил нападот.

Резников ги нарече руските ракетни напади врз Меѓународниот центар за мир и безбедност „терористички напад“.

„Ова е нов терористички напад врз мирот и безбедноста во близина на границата ЕУ-НАТО. Мора да се преземе акција за да се запре ова. Затворете го небото!“ тој рече.
Руские воздушни напади го погодија Меѓународниот центар за зачувување на мирот и безбедност (IPSC) во областа Јаворив, на околу 50 километри југозападно од Лавов и на околу 25 километри од границата со Полска нешто пред 6 часот наутро во неделата.

IPSC е голема воена база која вклучува центар за обука за војници, претежно за мировни мисии. Прелиминарните извештаи покажуваа дека руските сили лансирале 8 проектили.
Нападот на воената база толку блиску до границата со Полска уследи по предупредувањето во саботата од рускиот заменик-министер за надворешни работи, Сергеј Рјабков, дека западните пратки во Украина биле „легитимни цели“ за напад.
Украинската војска во дневниот оперативен извештај утринава, тврдеше дека руските сили продолжуваат да ја користат цивилната инфраструктура за воени потреби, поставувајќи единици и опрема на објекти со висок ризик и гранатирајќи цивили што го прекршуваат меѓународното хуманитарно право.

Британското Министерство за одбрана соопшти дека руските сили се обидуваат да ги опколат украинските сили на истокот од земјата додека напредуваат од правец на Харков на север и Мариупол на југ.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски тврди дека Русија се обидува да создаде нови „псевдо-републики“ во Украина за да ја распадне земјата, но истакна дека руските сили немаат ниту сила ниту дух да ја освојат Украина.
Руската војска, наводно, поставила нов градоначалник во окупираниот југоисточен украински град Мелитопол по наводното киднапирање на избраниот градоначалник Иван Федоров во петокот попладне.