Војната на следбениците на Трамп со „Фокс њуз“станува гадна


Во својот последен јавен настап во петокот, Стив Банон, идеологот на Доналд Трамп,  идентификуваше една од неговите главни мети во моментот – телевизијата за која тврди дека се спротивставува на претседателската кампања на Доналд Трамп на сопствена штета, „Фокс њуз“.

Водителот на популарниот подкаст „Воена соба“ и долгогодишна десна рака на Трамп почна да се разидува со конзервативната медиумска куќа откако таа објави дека Џо Бајден ја освоил Аризона ноќта на изборите во 2020 година.

„Фокс њуз нелегитимно прогласи победа за опозицијата, а не за Доналд Џеј Трамп“, рече советникот на Трамп, а сега водител на ток-шоу, пред толпата во Националното пристаниште, Мериленд, публика полна со тврдокорни поддржувачи на движењето МАГА (Да ја направиме Америка повторно голема).

Десет минути подоцна, Банон повторно тргна во напад по телевизијата кревајќи ја публиката на нозе додека ја обвини  „Фокс њуз“ дека не го вклучува Трамп откако ја објави својата нова кампања во ноември. Тој го повика Руперт Мардок, основачот на News Corp. кој седи на врвот на оваа медиумска империја.

„Мердок, ти сметаш дека Трамп нема да биде претседател“, продолжи Банон додека толпата ечеше со аплауз. „Но, сметам дека нема да имате новинска мрежа, затоа што ќе се бориме со вас на секој чекор од патот“.

Критиките на Банон против „Фокс њуз“ се далеку од случајни и се најнова епизода од  жешката војна меѓу светот на Трамп и долгогодишниот конзервативен канал. Самиот Трамп претходно одбиваше да се појави на  „Фокс њуз“, често поради известување што тој го сметаше за нефер. Но, сегашната состојба на работите, која доаѓа на почетокот на многу компетитивна кампања за избор на републикански претседателски кандидат  – е толку затегната што не се памети досега.

Телевизијата не го прикажува поранешниот претседател на своите програми од ноември. Претседателот на американската конзервативна унија, Мет Шлап, кој и самиот е близок сојузник на Трамп, исто така не се појавува на овој ТВ канал откако во јануари се појавија обвинувања дека сексуално нападнал вработен во кампањата. (Шлап негираше дека сторил нешто лошо). И во салата каде што се одржуваше конференција на Конзервативниот комитет за политичка акција (вид предизборно партиско тело) презирот кон „Фокс њуз“ не беше невообичаен  меѓу собраните. Сандра Салстром, харфистка од Хјустон, рече дека ги добива сите вести што и се потребни од шоуто  „Воена соба“ на Банон и дека ужива во програмите што ги води Чарли Кирк, уште еден истакнат десничарски коментатор.

„Сега немам никаква врска со Фокс“, рече Салстром, објаснувајќи дека нема телевизор дома, но ја гледала програмата на оваа телвизија  додека била во теретана. „Тие ми се гадат“, порача таа.

Вилијам Маркс, развивач на софтвер и менаџер од јужен Мериленд, рече дека  ги гледа и Fox News и Newsmax, но верува дека првата „се оддалечува од конзервативниот пејзаж“, што е грешка не на новинарите туку на  „сопственикот“. 

„Не сум ја гледала Фокс со години“, рече Андра Грифин од округот Манати, Флорида, која  престанала да ја гледа мрежата во 2019 година и била целосно „исклучена од Фокс“ до 2020 година. Наместо тоа, десничарските активисти како неа го свртеа своето внимание кон повеќе алтернативни конзервативни мрежи како Newsmax.

Па така, Фокс Радио немаше пул за известување на овој политички  собир годинава. Исто така „Фокс Нејшн“ не пренесуваше во живо ниту спонзорираше настани како што тоа го правеше во изминатите години. Немаше ѕвезди на „Фокс њуз“ во ударните термини како Шон Ханити, Лора Инграхам или Такер Карлсон кои ќе зборуваат на сцената – што е контраст со минатите години, каде што ѕвездите на Фокс наголемо се ротираа на сцената или во салите.

Отсуството на „Фокс њуз“ на овој настан поттикна поголеми прашања за улогата што медиумската мрежа во сопственост на Руперт Мардок се обидува да ја игра на републиканските прелиминарни избори. Веројатниот ривал на Трамп од 2024 година, гувернерот на Флорида, Рон ДеСантис, е претставен на медиумската империја во сопственост на Мардок како ги промовира своите неодамна објавени мемоари. Активистот Вивек Рамасвами ја започна својата претседателска кампања со настап во шоуто на Такер Карлсон на „Фокс њуз“. И поранешната амбасадорка во ОН, Ники Хејли, постојано се појавува на мрежата, а нејзиното обраќање беше пренесувано  во живо на ТВ.

Сето ова доаѓа во време кога Фокс се соочува со тужба за клевета од Dominion Voting Systems, која бара отштета од 1,6 милијарди долари поради улогата што медиумската мрежа ја одигра во известувањето за заговорите околу изборите во 2020 година. Претставници на медиумската мрежа на високо ниво приватно фрлаат сомнеж врз тврдењата на Трамп дека изборите биле украдени, дури и кога гласовите во етерот го поддржуваат Трамп околу лажниот наратив.

Иако самиот Трамп не бил интервјуиран во последно време на „Фокс њуз“ и се соочува со „мека забрана“ од мрежата, тој  сепак продолжува да добива покриеност и неговата кампања добива внимание. Од своја страна, Трамп ги засили своите напади врз долгогодишниот конзервативен телевизиски канал  споделувајќи повеќе објави на неговата платформа Truth Social критички настроени кон каналот и неговиот сопственик Руперт Мардок.

„Премногу некомпетентни во „Фокс њуз“! – објави Трамп во четвртокот. Еден ден претходно, Трамп ги нарече Мардок и другите директори на Фокс „група што треба да излезат од бизнисот со вести што е можно поскоро“.

Бидејќи ѕвездите на Фокс беа отсутни, присутните на Конзервативниот политички комитет за акција се собраа околу популарните десничарски алтернативи како што е „Воената соба“ на Банон, која беше домаќин на подкаст во живо, заедно со Newsmax, OAN, Right Side Broadcasting Network и други. Но, дури и во вакви околности „Фокс њуз“ останува крал на кабелските вести и на рејтинзите во ударниот термин. Десетте најгледани кабловски вести се на Fox News, а Такер Карлсон има преку 3 милиони гледачи. И за конзервативните ѕвезди, вечерните емисии на „Фокс њуз“ сè уште се првото место за привлекување внимание за нивната кауза.

„Сакам да се вратам на „Фокс њуз“ и немам ништо лошо да кажам за тоа“, рече републиканскиот пратеник Мет Гаец од Флорида , кој често се појавува на телевизијата, како и на подкастот „Воена соба“ на Стив Банон. (Политико)