Војната мора да заврши, му рекоа африканските лидери на Путин

Во мировниот план на африканските лидери не постои одредба за повлекување на руските трупи и затоа Киев не го поддржува


Сирил Рамафоза и Владимир Путин

 

Војната во Украина мора да заврши, му порача претседателот на Јужна Африка, Сирил Рамафоса на рускиот лидер Владимир Путин. Забелешките на Рамафоса дојдоа кога тој се сретна со Путин во саботата во Санкт Петербург, како дел од мировната мисија со уште шест африкански земји.

На состанокот во Санкт Петербург, Рамафоза, исто така, ги повика двете страни да ги вратат своите воени заробеници и рече дека децата земени од Русија треба да се вратат дома.

Додека африканската делегација повика на враќање на децата во нивните семејства, Путин го прекина нивниот говор и тврдеше дека Русија ги штити.

„Децата се свети. Ги иселивме од зоната на конфликтот, спасувајќи им ги животите и здравјето“, рече тој. ОН соопштија дека имаат докази за нелегално префрлање на стотици украински деца во Русија.

Рамафоса, исто така, го предупреди Путин за влијанијата на војната врз Африка и рече дека тоа треба да се реши со дипломатија.

„Војната не може да трае вечно. Сите војни треба да се решат и во некоја фаза да завршат“, рече тој. „И ние сме тука да пренесеме многу јасна порака дека би сакале оваа војна да заврши“.

Војната сериозно го ограничи извозот на жито од Украина и ѓубриво од Русија, што особено ги погоди африканските земји и ја засили глобалната несигурност во храната.

Но, Путин го обвини Западот за кризата со жито – не за војната во Украина – бидејќи тој рече дека само 3% од извозот на жито дозволен според договорот спонзориран од ОН за да се обезбеди негов безбеден премин низ Црното Море отишол во најсиромашните земји во светот.

Путин ја пофали, како што рече, избалансираната позиција на Африка за војната, која Русија продолжува да ја нарекува „специјална воена операција“.

Африканската делегација, составена од претставници од Јужна Африка, Египет, Сенегал, Конго-Бразавил, Коморите, Замбија и Уганда е специјално дизајнирана за ширина и рамнотежа, со членови од различни делови на Африка со различни ставови за конфликтот.

Се смета дека Јужна Африка и Уганда се наклонети кон Русија, додека Замбија и Коморите се поблиску до Запад. Египет, Сенегал и Конго-Бразавил останаа главно неутрални.

Планот на африканските земји за решавање на војната во Украина не вклучува клаузула за повлекување на руските војници. Клучните зборови што ги искажа шефот на делегацијата, јужноафриканскиот претседател Сирил Рамафоса, содржат повици за итни мировни преговори и „деескалација на двете страни“.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски не се согласува со овој пристап, истакнувајќи дека тоа нема да ја запре војната. „Да се дозволи какви било преговори со Русија сега, кога окупаторот е на нашата земја, значи да се замрзне војната, да се замрзнат болката и страдањето… Ни треба вистински мир, што значи вистинско повлекување на руските трупи од целата наша независна земја“, рече тој по преговорите со делегацијата на лидерите на земјите од Африканската унија.

Зеленски ги покани членовите на мисијата да учествуваат на Глобалниот самит за мир и да се приклучат на украинската мировна формула.

Претходно, кабинетот на претседателот на Украина ги критикуваше и „мировните иницијативи“ засновани на повици за дијалог без конкретни дејствија. „Секој преговарачки процес со актуелниот московски режим е невозможен… За ова воопшто нема индонезиски, бразилски или африкански ‘основи’. Агресорот мора да излезе од странска територија, конечно да ја изгуби сопствената армија и угледот на земјата од која требаше да се плаши“, рече Михаил Подољак, советник на шефот на кавинетот.

Неговиот шеф, Андриј Јермак, повика на обединување околу „формулата за мир“ на Зеленски. „Нема алтернатива за неа. И ние треба да разговараме за понатамошните чекори на Глобалниот самит за мир“, нагласи тој.

Планот на африканските земји содржи 10 точки. Меѓу нив се брзи мировни преговори, деескалација на конфликтот „од двете страни“, суверенитетот на државите и народите во согласност со Повелбата на ОН, безбедносни гаранции за сите земји. Три точки се однесуваат на хуманитарната поддршка за жртвите, размената на затвореници, враќањето на децата и повоената реконструкција. Африканските лидери, исто така, ги повикаа двете земји да обезбедат движење на жита и ѓубрива.

Европската унија нема да го поддржи мировниот план на африканските лидери доколку тој вклучува замрзнување на конфликтот меѓу Русија и Украина, изјави ден претходно Петер Стано, портпарол на надворешната служба на ЕУ. „Сакаме мир кој ќе ги врати правата на Украинците, нивниот суверенитет и територии. Ако некој може да ја убеди Русија да ја напушти Украина, тогаш тоа секако ќе го поддржиме. Ако зборуваме за прекин на огнот, за утврдување на постоечките позиции, тогаш ова не е мир“, нагласи тој.