Војната меѓу „Самсунг“ и „Епл“ за доминација ги вжешти цените на мобилните телефони


„Самсунг во вторникот го почна својот настан „Галакси анпекд“ во Сан Франциско со пригодно промотивно видео во кое го претстави својот нов паметен телефон, „галакси З-флип“ (Galaxy Z Flip). Ребека Хирст, шеф на маркетинг на Самсунг во Велика Британија, го претстави телефонот со зборовите вакво нешто никогаш до сега не сте искусиле“.

Се чинеше дека ѝ одеше многу добро додека зборуваше за спецификациите и за карактеристиките на телефонот. Потоа, дојде на ред цената: 1.380 долари.

„Се чини дека реакцијата е измешана“, рече Хирст како одговор на млакиот аплауз.

Тоа дури не беше ниту најскапиот паметен телефон што го промовира „Самсунг на настанот. Најдобрата верзија на својот нов предводник, „Самсунг галакси С20 ултра“ почнува од 1.399 долари. Верзијата со меморија од 512 гигабајти чини 1.599,99 долари.

Настанот на „Самсунг ја потенцира новата нормала во индустријата за паметни телефони, пишува „Си-Ен-Ен“. Во 2017 година, „Епл“ го шокираше светот со цената од 999 долари за „ајфон Х“. На многу продажни места се прашуваа дали потрошувачите некогаш ќе платат толку многу за телефон. Сега, додека „Епл“ и „Самсунг“ се натпреваруваат за топ сегментот на пазарот, има се поголем број смартфони кои чинат значително над 1.000 американски долари.

Два од најновите смартфони на „Епл“ – „ајфон 11 про“ и „ајфон 11 про макс“, започнуваат од 999 и 1.099 долари, соодветно. Вториот може да достигне дури 1.449 долари. Истовремено, ниту еден од најновите телефони на „Самсунг“ не може да се добие за помалку од некогаш незамисливата цена од 999 долари.

Дури и „Моторола“ наплатува 1.500 долари за обновениот Razr-флип телефон, кој доаѓа со пластичен екран, мала батерија и прилично просечна камера според денешните стандарди. Но, тоа не ги спречи ентузијастичките (а можеби и носталгичните) купувачи да застанат во редот. „Моторола“ мораше да објави нов датум за лансирање на „Разр“ поради големата побарувачка.

Наспроти верувањето до пред две години, се чини дека корисниците на паметни телефони се повеќе се подготвени да платат износи со четири бројки за мобилни телефони што може да се сметаат за луксузни.

Во основа, преференците на потрошувачите се движат кон повисоки нивоа“, изјави за „Си-Ен-Ен Бизнис“, Морис Клаене, аналитичар во „Каунтерпоинт рисрч“.

Клаене вели дека високите цени на најновите уреди делумно се поради фактот што клиентите ги чуваат своите паметни телефони со месеци – па дури и години – подолго отколку порано, кога ги менуваа побрзо.

„’Епл’ и ‘Самсунг’, особено, го гледаа пазарот според тоа колку телефони се купуваат секоја година“, рече тој. „Значи, тие бараат начини да го зголемат својот профит“.

Најновите технологии, како преклопните екрани и 5Г, кои се применети на најновите модели на „Самсунг“, исто така овозможуваат полесно да се оправдаат повисоките цени – барем засега, вели Клаене.

Најновата генерација на мобилна технологија која што ќе може да користи 5Г, им овозможува на корисниците да преземаат филм за неколку секунди. Со новата серија „галакси С20“, „Самсунг“ сега има осум телефони со 5Г кои се на пазарот. „Галакси С20 плус“ и „С20 ултра“ дури имаат и поширок фреквентен опсег, поради што е неопходно да имаат дополнителна антена што уште повеќе ги зголемува трошоците за производство. (Првиот „ајфон“ со 5Г на „Епл“ се очекува да излезе на пазарот до крајот на оваа година.)

Но, со оглед на тоа што овие понови технологии стануваат позастапени, цената може да се намали. За илустрација, скапиот „галакси З флип“ е 30 отсто поевтин од минатогодишниот „галакси фолд“, кој чинеше 1.980 американски долари, кој беше првиот модел на „Самсунг“ во преклопните паметни телефони и чија промоција беше одложена неколку месеци поради неисправни дисплеи, пишува „Си-Ен-Ен“.