Војна на пазарот на мобилни апликации – „Фортнaјт“ исфрлен од „Еп стор“ и „Гугл плеј“

Оваа недела кулминираше спорот меѓу „Епл“ (Apple) и „Гугл“ (Google) со издавачите на мобилни игри. Имено, секој пат кога ќе купат мобилна апликација или дополнителна содржина во неа, овие компании од издавачите наплаќаат провизија не помала од 30 отсто, што многумина не сакаат. „Епик гејмс“ (Epic Games), сопственик на популарната „Фортнајт“ (Fortnite), сега се појави како најистакнат противник на оваа практика.

Тие најавија дека на своите играчи ќе им обезбедат постојан попуст од 20 отсто за набавки во апликацијата. Но, играчите кои играат „Фортнајт“ на мобилни уреди може да добијат попуст само ако услугите ги плаќаат директно на производителот, наместо преку „Еп стор“ или „Гугл плеј“ (App Store или Google Play). Оваа практика, од друга страна, ги крши правилата на двете продавници за мобилни апликации, па „Фортнајт“ беше протеран од обете по кратка постапка, пишува Баг.хр (Bug.hr).

Веднаш потоа, „Епик гејмс“ поднесе тужби против „Епл“ и „Гугл“, тврдејќи дека овие компании ја искористуваат својата монополска позиција и ги искористуваат програмерите, не давајќи им слобода на избор кога станува збор за начините за плаќање. Дека станува збор за смислена стратегија, покажува и фактот дека речиси истовремено со исфлањето од „Еп стор“, „Епик“ објавил „промотивно видео“ – пародија на легендарната реклама на „Епл“ за првиот Мек, во која го напаѓа „Епл“,.

Со други зборови, тие намерно предизвикаа исфрлање од „Еп стор“ да ги посочат (според нив) неправедните практики на „Епл“ и Гугл“, а во фиоката веќе имале подготвени тужби и маркетинг кампања.

Во својата аргументација „Епик гејмс“ наведува дека „Епл“ и „Гугл“ не ги третираат сите сопственици на апликации подеднакво. На некои, како што се „Амазон“ (Amazon), „Грабхаб“ (Grubhub), „Мекдоналдс“ (McDonald’s) и други, им е дозволено да примаат плаќања надвор од официјалните продавници за апликации, додека тие и сопствениците на други мобилни игри не смеат да го сторат тоа.

„Епл“ и „Гугл“ се бранат велејќи дека тие обезбедуваат еднакви услови за сите и дека им даваат на програмерите голем број алатки од кои имаат огромна корист, како и пристап до голем број на корисници. „Епик гејмс“ е првиот издавач кој се осмели да им се спротивстави на технолошките гиганти на овој начин и може да си го дозволи тоа, затоа што не зависи првенствено од нив. Покрај преку мобилните телефони, „Фортнајт“ се игра и на компјутери и нан конзоли, така што Epic нема да пропадне ако играта не е достапна за преземање на уредите со Андроид и Ајос (iOS) некое време.