„Војна на ѕвездите“: Објавени нови фотографии од последниот дел од сагата


САД- Нови фотографии се објавени од снимањето на деветтиот дел од сагата „Војна на ѕвездите“  кој на 20 декември 2019 ќе почне да се прикажува во кината ширум светот.  Конечниот трејлер го носи слоганот „Сагата завршува, приказната живее засекогаш“. Обожавателите на „Star Wars“ со месеци ја чекаа финалната реализација на трејлерот за 9-от дел од филмот, кој го носи насловот „The Rise of Skywalker“.

Премиерата во Скопје е на 18 декември, во термините од 19 и 19,20 часот. Картите се во продажба во „Синеплекс“.

Приказната започна во далечната 1977 година, со „A New Hope“, па продолжи како трилогија. При крајот на 90-тите и почетокот на 2000-те беше снимена „преквел“ трилогијата, односно почетоците, за во 2015 сагата да се врати на големите екрани со „The Force Awakens“. Осмиот дел беше реализиран на крајот на 2017-та, а со 9-от дел завршува познатата сага.

Како режисер и продуцент повторно се враќа ЏЏ Абрамс, а во улогите ќе ги гледаме Дејзи Ридли, Адам Драјвер, Џон Бојега, Оскар Ајзак и Лупита Нјонго, како и оригиналниот член на поставата, Марк Хамил.

Во филмот ќе има сцени и со покојната Кери Фишер, која почина во 2016 година, а која во „Star Wars“ ја глумеше принцезата Леа, сестрата близначка на Лук Скајвокер, со кого беа разделени на раѓање, по смртта на нивната мајка Падме, односно преминувањето на темната страна на татко им Анакин, познат како Дарт Вејдер.