Воената болница во Скопје – врсник со слободата, слави 80 години


Фото: Б. Грданоски

По повод 80 години од ослободувањето на градот Скопје добро е да се потсетиме на неколку факти за основањето, развојот и транзицијата на „Воената болница Скопје“ – врсник со ослободувањето во 1944 година.

По конечното ослободување на Скопје, додека сеуште траеше Втората светска војна, донесена е
одлука за основање и именувана е „Воена болница Скопје“. Веднаш е започнато вселување, заедно со затекнатите ранети, повредени и заболени борци од НОВ и ПОМ во објекти во слободното Скопје.

Оваа болница од 1945 година функционира како болница на тогашната Петта армија на
Југословенската армија (JA, подоцна со насловот ЈНА).

Извориште на Воената болница Скопје беше болницата на Главниот штаб на Народноослободителната војска и партизанските одреди на Македонија (НОВ и ПОМ) којашто кон крајот на 1944 година беше сместена во џамијата во с. Горно Врановци, а имаше и истурено
одделение во Долно Јаболчиште, Велешко. Два дена по ослободувањето започнато е преселување во неколкуте објекти наречени турска болница „Полумесечина“ во скопското маало Крњево. По катастрофалниот земјотрес на 26 јули 1963 година болницата привремено работеше под шатори, а некои затекнати болни беа префрлени во Воената болница во Ниш. Иако беа санирани, старите објекти не ги задоволуваа потребите, па со одлука на надлежните органи на ЈНА и со договор со македонската влада за кофинансирање, изградени се нови современи и многу функционални објекти во скопската општина Карпош, опремени со најсовремена медицинска опрема и логистички одделенија, имаше и хелиодром и инценератор со помал капацитет. Во нив Воената болница Скопје се пресели во 1971 година. Вработениот медицински кадар беше искусен и многу ценет исто како и другите соработници. Голем дел од нив беше едуциран во Военомедицинската академија во Белград, Во еден период на тој простор функционираа дури 5 воени здравствени установи: Воена болница, Поликлиника, Воена амбуланта, Воена аптека-складиште, Хигиенско-епидемиолошки одред (подоцна како ЗПМЗ) и Регрутен центар.

По осамостојувањето на Македонија (1991 г.) Воената болница Скопје во целина остана во
сопственост на државата. Таа беше значајна медицинска установа во надлежност на Министерството за одбрана на Република Македонија, првенствено наменета за санитетско обезбедување на сите медицински, едукативни и научно-истражувачки потреби на Армијата на Република Македонија. Во неа рамноправно се лекуваа и цивилни лица.

Со општествените и политичките реформи во државата и нејзиниот здравствен систем, во 2010
година направено е предавање на Воената болница Скопје од Министерството за одбрана во
надлежност на Министерството за здравство и како цивилна преименувана е во ЈЗУ Градска општа болница „8 Сепрември“ Скопје.

Бележиме дека во џамијата во с. Горно Врановци, Велешко, по ослободувањето, беше поставена
музејска поставка со експонати кои ја раскажуваа историската вистина за болницата на НОВ и ПОМ.

Меѓутоа во транзициониот период на државата иселена е музејстата поставка од џамијата, симната е спомен плочата со текстот за постоењето на болницата, па денес таа се користи како верски објект.

Пред 10 години, односно во 2014 г., по повод 70-годишнината од основањето на Воена болница
Скопје, Македонија, авторите Илија Глигоров, Андреја Наумовски и Дончо Донев, самоиницијативно и без авторски надомест публицираа монографија со наслов „Воена болница Скопје – 70 години од формирањето“.