„Водовод“ прво со медијација, па со штрајк ќе ги решава проблемите


СУДКОМ и ССМ предупредуваат дека Град Скопје и градоначалничката Данела Арсовска, треба да ги спречат сите незаконски активности на в.д директорот Марјанчо Митовски поради што истите можат да значат значителна материјална и финансиска штета за јавното претпријатие „Водовод и канализација“ Скопје.

– Согласно сите законски прописи тој не ги исполнува условите да биде на јавна функција односно да биде раководител на „Водовод о канализација“ – Скопје. Бараме повторно од Арсовска да не прими да ги ставиме сите аргументи на маса за да ги сфати моменталните состојби – рече претседателот на СУТКОЗ, Стојанче Кашиковски.

Појасни дека средба со градоначалничката на Град Скопје бараат континуирано подолг период.

Кашиковски тврди дека во „Водовод и канализација“ не постоеле работници кои не доаѓале на работа или не ги извршувале своите задачи, но откако директорот Митовски почнал да ги прераспределува вработните, хидроинженери остануваат без никакви задачи. Во последните денови поднесени се 40 претставки за дисциплински постапки, што тие го сфаќаат како притисок од страна на директорот.

Кашиковски појасни дека донесена е одлука за штрајк, но дека според законските норми треба да се исцрпат сите средства, со што штрајкот би бил последна мерка. Најави дека прво ќе ја гласаат одлуката, а потоа ќе достават документ, по кој ќе почнат постапки за медијација, која трае 10 дена.

Претседателот на ССМ Дарко Димовски рече дека доколку дојде до штрајк, јасно е на кој начин тој ќе се изведува, односно вработените ќе одат на своите работни места, но нема да ги извршуваат работните задачи.