Водич за изборите во Германија. Не е таков каков што го кажува Мицкоски

Во Бундестагот се влегува ако се премине прагот од пет отсто. Но листата може да добие пратеници и преку заобиколен пат, преку директните мандати


Пленарната сала на германскиот Бундестаг

 

Група независните здруженија денеска остро реагираат на изјавата на премиерот Христијан Мицкоски, во која тој велеше дека за влез во Бундестагот на Германија се потребни пет проценти. Оваа изјава на Мицкоски во основа е генерално точна, но не е најточна и тоа се однесува само за прагот на освоени гласови да се влезе во Бундестагот. Иако и без поминување на тој праг може да се влезе во Бундестагот. За начинот на кој може да се влезе во парламентот малку подолу.

Независните организации во својата реакција велат дека премиерот свесно или од недоволна информираност го меша прагот на освоени гласови на парламентарните избори за влез во германскиот парламент со прагот на потребни потписи кои се бараат во Германија за граѓани да може воопшто да се кандидираат на избори.

Во своето соопштение независните организации, меѓу кои се „Зелен хуман град“ од Скопје, „Шанса за Центар’, „Независни за Карпош“ и „Поинаку“ од Битола, тие меѓудругото велат:

„Премиерот Христијан Мицкоски денес изјави ‘носиме најдобри решенија за потребите на граѓаните, а не на поединци или на поедини невладини организации’.

Да се тврди дека зголемувањето на прагот за независни кандидати е во корист на граѓаните е навреда за нивната интелигенција. Тоа е како да им ги затвораш вратите, па да им објаснуваш дека така полесно ќе влезат. Независните кандидати се директен глас на граѓаните – секое административно отежнување на нашата кандидатура е удирање по основното право на избор и претставеност. Зголемувањето на прагот не е услуга, туку бариера. И секој што тврди спротивно е уплашен од вистински плурализам.

Измените кои Мицкоски и останатите партии во Собранието се обидуваат да ги протуркаат се уште поекстремна верзија на противуставните измени укинати од Уставниот суд“.

Во Германија на два начини може да се влезе во парламентот, а едниот од нив е поминување на петпроцентниот праг.

Еве го нашиот водич за тоа како се гласа во Германија и како се одредуваат пратениците.

Германскиот изборен закон предвидува систем на персонализирана пропорционална застапеност. Секој избирач има два гласа: првиот за индивидуален кандидат за изборна единица, а вториот за партиска листа во одредена покраина.

Дел од „мешовитиот“ систем на гласање во Германија се 299 изборни единици или „директни мандати“, кои се избираат на начинот кој прв ќе ја премине границата, систем сличен на оној што се користи за изборите во Велика Британија. Оној што ќе освои најмногу гласови тој е победник во директниот мандат. За другите не останува ништо. Ако партијата освои три или повеќе од овие директни места, таа може да го заобиколи прагот од 5 отсто, што е потребен за да се квалификува за пропорционална застапеност. Па со тоа се пополнуваат останатите места. Вака Левица влезе во парламентот во 2021 година, и покрај тоа што освои само 4,9 проценти од гласовите, но најпосле и покрај тоа што не го помина прагот имаше 39 пратеници.

Што понатаму кога некоја партија ќе освои повеќе од три директни мандати? Бројот на пратенички места кои директно ги освоиле пратениците од изборната единица се одзема од вкупниот број на места доделени на една партија според бројот на вторите гласови добиени за кандидатската листа на таа партија, со што се зачувуваат принципите на пропорционална застапеност.

Во првиот чекор, 630 места ќе бидат доделени на покраинските листи на партиите од дефинирани контингенти на покраините (според уделот на населението). Во вториот чекор, бројот на места во Бундестагот се зголемува соодветно сѐ додека на секоја партија не ѝ бидат доделени онолку места во однос на бројот на вторите добиени гласови плус пратеничките места пресметани за време на првиот чекор. Ова осигурува дека сите места во изборната единица може да се одземат од бројот на пратенички места што ги освоиле соодветните партиски листи.

Освоените места во изборните единици се бројат во вкупниот број на освоени места од партија со гласови за нејзината покраинска листа со цел да се гарантира дека бројот на пратеници во Бундестагот одговара на принципите на пропорционална застапеност.

Кандидатите на изборната единица, исто така, може да бидат избрани не од партија, туку од здружение на избирачи: Покраинската листа на партија која не е претставена ниту во сојузниот парламент, ниту во покраинскиот парламент и која не претставува национално малцинство, за да се прифати ѝ требаат потписи од најмалку една илјадатинка од граѓаните со право на глас во покраината, но да не надминува 2.000 потписи. Минималната бројка на потписи за кандидатура на изборите е 200. Секој избирач со право на глас може да потпише само една таква номинација.

Примарната функција на првото гласање е персонализирање на изборите. Бидејќи во моментот има 299 изборни единици, ист број мандати во Бундестагот се распределени на избраните кандидати во секоја област. Сепак, првото гласање не ја одредува моќта на партиите во Бундестагот.

За распределбата на пратеничките места во германскиот Бундестаг, второто гласање е поважно од првото. Ова второ гласање му овозможува на избирачот да гласа за партија чии кандидати се заедно на покраинската изборна листа. Од изборите за германскиот Бундестаг во 1987 година, распределбата на местата беше направена според методот Hare-Niemeyer. Откако законот се промени во јануари 2008 година, распределбата на местата сега се врши според методот Sainte-Laguë/Schepers.

Изгледа малку комплицирано, но тоа за Германците не е. А пресметките и броењето на гласовите лесно се прават. Сѐ со цел да се постигне подобра претставеност на политичките интереси во Бундестагот. (Н.В.)