Водата во Средоземното Море е рекордно топла
Највисоката температура на површината на водата во Средоземното Море е измерена во вторникот, објави агенцијата Франс прес. „Денес беше соборен нов рекорд за периодот 1982-2023 година за просечна температура на површинските води во Средоземното Море со регистрирани 28,71 Целзиусови степени“, се вели во соопштението на Институтот за морски истражувања во Барселона.
Претходниот рекорд беше поставен на 23 август 2003 година и изнесуваше 28,25 степени Целзиусови.
На места во областа помеѓу островот Сицилија и Неапол, температурите биле над 30 степени Целзиусови, што е за 4 степени над нормалата.
Ваквите температури ги загрозуваат морските екосистеми.
За време на медитеранскиот топлотен бран 2015-2019 година, педесет видови беа обележани со масовна смртност во зоната помеѓу површината и длабочината на 45 метри, според студијата од јули 2022 година објавена во списанието Global Change Biology.
Средоземното Море понекогаш е категоризирано како жариште на климатските промени од страна на Меѓувладиниот панел на Обединетите нации за климатски промени.
„Од 1980-тите, забележана е драстична промена меѓу медитеранските екосистеми, со нагло намалување на биолошката разновидност и појава на инвазивни видови“, додава групата.
Во сценарио за глобално затоплување од повеќе од 1,5 степени Целзиусови над прединдустриските температури, повеќе од 20% од рибите и безрбетниците во источниот Медитеран би можеле да исчезнат локално до 2060 година, а приходот од риболов би можел да се намали за 30% до 2050 година, предупредуваат експертите.