Во Живојно има 24 милиони тони јаглен, отворањето на рудникот ќе ја намали цената од РЕК „Битола“, велат од ЕСМ


БИТОЛА – Наоѓалиштето на јаглен Живојно, во непосредна близина на РЕК „Битола“ ќе овозможи АД ЕСМ целосно да ги покрие потребите од овој енергенс од сопствено производство. Истражувањата на теренот  откриваат дека на оваа локација има околу 24 милиони тони јаглен.

Ова беше кажано на јавната расправа во Општина Новаци што се одржа денеска по студијата за оцена на влијание врз животната средина на проектот „Експлоатација на јаглен од наоѓалиштето Живојно со површинска технологија“, во организација на Министерството за животна средина и просторно планирање. Она што е важно е дека квалитетот на јагленот е подобар од оној што сега секојдневно се носи со камиони од Грција преку граничниот премин Меџитлија за производство на струја во РЕК „Битола“. Камионите во конвој поминуваат низ населени места во Битола и Пелагонија.

Новото раководство на компанијата информира дека затекнало висока зависност од увоз на јаглен. Повеќе од 2 милиони тони или 40% од потребите за РЕК „Битола“ – треба да бидат набавени од надворешни извори, што на краток и на среден рок се оценува како економски неприфатливо и неодржливо решение за компанијата. Експлоатацијата ќе овозможи економски исплатлив транспорт и понизок јаглероден отпечаток во споредба со увозот. Инаку ова се случува само пет години пред напуштање на производството на струја од јаглен, процес кој според најавите треба да се спроведе во 2030 година

Тони Ангелески, помошник директор во секторот за развој, инвестиции и проектирање во РЕК Битола вели дека експлоатација на јагленот во Живојно ќе се одвива во период од седум години, првите три години ќе бидат за подготвителни работи за целосна експлоатација на јаловината, а потоа четири години ќе се копа јаглен. 

„На седмата година наоѓалиштето целосно ќе биде исцрпено и според студијата, по завршување на експлоатацијата на цел јаглен, земјиштето ќе биде вратено во првобитна состојба, а она што нема да може да се врати во сегашна состојба ќе биде оплеменето со мерки во функција на заштита на животната средина“, рече Ангелески.

Што се однесува на влијанието на воздухот и подземните води од отворањето на новиот рудник на расправата беше кажано дека ќе има ниско влијание врз загадувањето на површинските и подземните водите, а нешто повисоко врз загадувањето на воздухот.

„Нормално, се очекуваат негативни влијанија од емисијата на прашина предизвикана од рудничките активности, копање, транспортирање, потоа  емисија при дување на ветер. Влијанијата ќе бидат локални, а се очекува и емисија на штетни гасови од градежната механизација. Овие влијанија се со средна магнитуда и мало до средно значење“, смета Магдалена Трајковска Трпевска, Технолаб Скопје. 

Всушност според АД ЕСМ експлоатацијата на јаглен во близина на Живојно, претставува единствено решение за комплетно покривање на потребите од овој енергенс од сопствено производство.

„Деталните и долгогодишни геолошки истражувања потврдуваат значителни резерви на висококвалитетен јаглен на таа локација во непосредна близина на ТЕ Битола. Врз основа на овие испитувања, изработена е обемна рударско-техничка документација која ја потврдува техничката изводливост и економската оправданост за отворање на современ рудник. Во услови на високи цени на електричната енергија на меѓународните берзи, обезбедувањето стабилно и економски исплатливо домашно производство на краток рок е врвен национален приоритет. Соочувајќи се со предизвиците во снабдувањето со јаглен од постојните извори и компликациите поврзани со увозот, потребата за ефикасно, евтино и еколошки поприфатливо решение од домашни извори станува клучна за стабилен енергетски систем“, информираат од РЕК „Битола“.

Од компанијата додаваат дека успеале да ја намалат цената на 82 евра за мегаватчас во првиот квартал од 2025 година. Иако ова за компанијата претставува значителен напредок, сметаат дека цената е сè уште повисока од регулираната цена на ЕСМ од 62 евра за мегаватчас, по која се продава електрична енергија на ЕВН Хоум. Од таму потенцираат дека отворањето на рудникот Живојно ќе биде клучен фактор за дополнително намалување на производствената цена во РЕК „Битола“.  (А.Б)