Вучиќ најави дека ќе ја разоружува Србија по вториот масакр (видео)

Српскиот претседател најави драконски мерки за оние што поседуваат нелегално оружје. За убијците од Младеновац и Белград рече дека нема да видат бел ден


 

По второто мсовно убиство во Србија на јавноста ѝ се обрати претседателот Александар Вучиќ. 

„По втор пат во последните 48 часа морам да зборувам, иако секој збор е тежок, а во исто време излишен и недоволен. Заедно со членовите на семејството и обезбедувањето во Белград, сакам да изразам сочувство во мое име и членовите на Владата за криминалот во Младеновац. Сакаме да им порачаме дека сме обединети во болка и тага“, рече Вучиќ.

„Ова е напад врз целата наша држава“, рече претседателот на Србија.

Нови мерки

Прва мерка која ја најави Вучиќ е пренасочување на повеќе полицајци во училиштата. 

„Ќе пратиме 1.000 полицајци во сите училишта, за родителите да бидат сигурни дека децата ќе им се вратат дома. Во Белград имаме 331 училиште, ќе има 331 полицаец кој ќе седи таму. Ќе има и повеќе, ќе треба да има смена“, рече Вучиќ.

Синоќешниот напад беше терористички напад, смета Вучиќ. Злосторникот е уапсен, а злосторникот повеќе бел ден нема да биди, метафорички зборувајќи, од затвор нема да излезе, додаде Вучиќ.

За детето кое не е одговорно пред законот, тој не мисли дека треба да биде вратено. Тоа, според него бројни фамилии завитка во црно.  

Вучиќ побара, без бирократија, да се смени законот за поседување и држење оружје. Најави потполно разоружување на Србија. За нелегалното оружје казните ќе бидат толку големи, што нема да има од кого да се набави. 

За ловџиите кои се дисциплинарани со оружјето, вели дека ќе има проверка од 6 месеци до 1 година. Со задолжителни лекарски и психијатриски проценки.

Веднаш Министерството за внатрешни да преземе мерки за мораториум на издавање дозволи за поседување оружје.

Веднаш, сите што имаат нелегално оружје во рок од еден месец да го вратат, без последици, а  потоа следат драконски мерки. 

За оние кои поседуваат оружје кое не е дозволено, како „калашников“ казната затвор да биде од 2 до 12 години, а не како досега 8 години. Слични мерки најави и за другите видови оружје и бомби. 

Потполна забрана за носење ножеви и скалпели за ученици, кои не се потребни во наставата.

За идејата да се стават детектори за метал и оружје на влезната врата, Вучиќ рече дека тоа немаше да помогне во училиштето „Владислав Рибникар“, затоа што детето го уби оној кој требаше да го провери и да му го земе тој пиштол.

Вучиќ призна дека побарал од Владата да ја вратат смртната казна, со што Србија би била единствена покрај Белорусија која има таква казна. Од Владата му рекле дека се против.

„Горко се каам што имав една таква политичка помисла“, рече Вучиќ.

Грозно однесување на младината

Вчера имавме 25 интервенции на полицијата поради грозно, недолично однесување на нашата младина. Уште 20 лажни дојави и повторно интервенции имавме. Тоа мора да прекине, порача Вучиќ.

Вучиќ се заблагодари на сите полицајци кои учествуваа во акцијата за апсење на синоќешниот убиец, како и на таксистот кој помогна. За сите кои знаеле каде е, а не кажале, ќе бидат повикани на одговорност.

До понеделник, Србија има денови на жалост. По трите прогласени за масовното убиство во училиштето, денеска ќе се донесе одлука за уште три денови на жалост. 

Масовно убиство во Младеновац

По опсежна потрага во околината на Крагуевац, српската полиција во петокот наутро го уапсила У.Б. (21), осомничениот кој во текот на ноќта во три села кај Младеновац со огнено оружје уби осум лица, а рани 14, соопшти МВР на Србија. Осомничениот е уапсен во атарот на селото Грошница кај Крагуевац.

Околу 600 полицајци и припадници на специјалните единици учествуваа во потрагата по напаѓачот. Урош Б. најпрвин синоќа во Дубона пукал со автоматска пушка, а нападот го продолжил во селата Мало Орашје и Шепшин.

Меѓу убиените има и полицаец, кој не бил на должност во моментот на нападот, и неговата сестра. Најмладата жртва има 15 години. Министерот за внатрешни работи Братислав Гашиќ го окарактеризира нападот како „терористички чин“.